Колумбиецот Алфредо Морелос стана најефикасниот фудбалер во европските купови во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА) од почетокот на сезона со квалификации до пред новогодишните празници, објави УЕФА на својата интернет-страница.

Напаѓачот на шкотскиот Глазгов ренџерс прво во квалификациите постигна осум гола, а потоа во групната фаза на Лига Европа за пласман на Ренџерс во 1/16-финалето уште шест.

Со 14-те гола води на листата најефикасни до 1 јануари, но сега е во потера по рекордот на сонародникот Радамел Фалкао, кој во сезоната 2010/2011 во дресот на Порто во Лига Европа постигна 18 гола.

Морелос е на делба на шестото место за најмногу голови во една сезона на куповите на УЕФА. Зад Фалкао на листата најефикасни во една сезона е Португалецот Кристијано Роналдо со 17 гола во сезоната 2013/2014 за Реал во Лигата на шампионите, пишува УЕФА.