Фудбалерот на Реал и капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, за првпат во кариерата беше избран за најдобар играч во Лигата на шампионите за минатата сезона.
Модриќ престижната награда ја доби во конкуренција со доскорешниот соиграч Кристијано Роналдо и напаѓачот на Ливерпул Мохамед Салах.
– Ние сме едно големо семејство. Дали ќе се обидеме да ја освоиме титулата по четврти пат? Ќе се обидеме, ќе биде тешко – истакна Модриќ на свеченоста по повод доделувањето на наградите на УЕФА.
Воедно Модриќ беше избран и за најдобар фудбалер за врска.
Роналдо, кој летово премина од Реал Мадрид во Јувентус, ја доби наградата за најдобар напаѓач за минатата сезона. Тој за разлика од Модриќ и Салах не присуствуваше на церемонијата на доделувањето на наградите.