За нас најбитен е натпреварот со Лихтенштајн, вели селекторот Милевски, пред мечевите в петок на гости кај Лихтенштајн и в понеделник дома со Германија, на кои поради повреда нема да игра Барди
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
Поради повредата (заден бутен мускул) од минатиот натпревар со Романија во Скопје, за дуелите со Лихтенштајн, в петок во Вадуц (20.45 часот), и со Германија, в понеделник (20.45 часот) во Скопје, во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година ќе недостига Енис Барди, играчот за врска на шпанскиот Леванте. Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, реши да не повикува друг фудбалер како негова замена. Според информациите од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), нема други повредени фудбалери, иако селекторот на пресот минатата недела посочи дека има уште неколку играчи што се жалат на полесни повреди. Но се очекува тие да бидат подготвени за настап на претстојните мечеви.
Македонските репрезентативци ја имаа првата прозивка во неделата навечер, вчера попладне во комплетен состав требаше да го одржат првиот тренинг на терените на спортскиот центар „Петар Милошевски“, а за денеска во истиот термин е закажан уште еден тренинг. Македонската фудбалска експедиција патува за Лихтенштајн в среда попладне.
– За нас најбитен е натпреварот со Лихтенштајн, за мене најтешкиот меч во досегашниот тек од квалификациите. Станува збор за селекција што последниве години константно напредува и не е истата селекција од пред десетина години. Имаат одличен тим, тоа го докажаа на натпреварите со Ерменија и со Германија. Фаворити сме, но мора да го покажеме тоа на терен. Треба да дадеме максимум на тој натпревар ако сакаме да ги освоиме трите бода на тоа гостување. Од моите фудбалери очекувам да бидат во подобра форма од натпреварите во септември. Мораме да бидеме подобри во реализацијата, тоа ни недостигаше во септември. Не сакам да правам калкулации, треба да го добиеме тој дуел, а за сѐ друго ќе зборуваме подоцна – вели селекторот Милевски.
По шест квалификациски кола во групата Ј, Македонија е на четвртото место со девет бода, со ефект од две победи, три ремија и еден пораз и вкупна гол-разлика 11-6. На лидерската позиција е Германија со 15 бода, втора е Ерменија со 11, трета е Романија со 10, петти е Исланд со четири, а шести е Лихтенштајн со еден бод.
ГРУПА Ј
Лихтенштајн – Македонија петок
Германија – Романија петок
Исланд – Ерменија петок
ТАБЕЛА
Германија 6 5 0 1 17-2 15
Ерменија 6 3 2 1 7-9 11
Романија 6 3 1 2 9-6 10
Македонија 6 2 3 1 11-6 9
Исланд 6 1 1 4 6-14 4
Лихтенштајн 6 0 1 5 2-15 1
СОСТАВ
Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Дејан Илиев (голмани), Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Кире Ристевски, Езѓан Алиоски, Тодор Тодоровски, Стефан Ашковски, Ѓоко Зајков, Никола Серафимов (одбрана), Елиф Елмас, Стефан Спировски, Тихомир Костадинов, Бобан Николов, Аријан Адеми, Ердал Ракип, Јани Атанасов (среден ред), Адис Јаховиќ, Милан Ристовски, Бојан Миовски, Александар Трајковски, Дарко Чурлинов, Никола Ѓорѓев (напад).