Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија има свои квалитети, не случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар. Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен, може да му се спротивстави на секој противник. Во денешниот фудбал, аутсајдери има само на хартија, вели селекторот на Македонија, Благоја Милевски

ФУДБАЛ – ПО ЖДРЕПКАТА ЗА БАРАЖОТ ЗА СП 2022 ВО КАТАР

Македонија немаше многу среќа при ждрепката за бараж-натпреварите за пласман на Светското првенство (СП) 2022 во фудбал во Катар, добивајќи го можеби најтешкиот можен ривал(и). Тоа е актуелниот двократен европски и четирикратен светски првак (и двократен вицепрвак), Италија, на која Македонија ќе ѝ гостува во првиот бараж-натпревар во Рим, на 24 март. Во случај на победа, Македонија во вториот бараж-меч (29 март) повторно ќе гостува, на подобриот од дуелот меѓу европскиот шампион од 2016 година, Португалија и Турција.
– Италија е актуелен европски првак. Имаме голема почит за противникот и за нивниот селектор Роберто Манчини. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и како тренер и сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија. Под негово водство, сведоци сме на една нова, модерна фудбалска Италија, која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Играат сосема поинаков фудбал, тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас, се разбира, но мора да се приспособуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети, нѐ случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар. Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен, може да му се спротивстави на секој противник. Се разбира дека ќе ни недостига поддршката од публиката, но не можеме да ги менуваме околностите.

Во денешниот фудбал, аутсајдери има само на хартија. Она што се случува на теренот е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот, и ќе се потрудиме да го потврдиме тоа – изјави по ждрепката во Цирих, селекторот на Македонија, Благоја Милевски.
Италија, која ја победи Англија во финалето на Европското првенство (ЕП) 2020 на пенали, се надева дека нема да се повтори плејофот од пред четири години, кога беше елиминирана од Шведска (0-0, 0-1) и не се квалификува за СП 2018 во Русија, за првпат по 1958 година во Шведска. Освен тоа, „азурите“ го пропуштија само првото СП во Уругвај во 1930-та, кога не сакаа да играат!
– Многу тешка ждрепка за нас. Македонија е многу добра репрезентација и ако победиме, ќе мораме да играме на гости. Можеше да биде малку подобро, тоа е вистина. Се игра еден меч, а секогаш е тешко во такви ситуации. Но ние сме самоуверени, позитивни и во вакви малку потешки моменти. Ќе мора да одиграме одличен натпревар, а потоа ќе видиме во финалето – изјави селекторот на „азурите“, Роберто Манчини за РАИ 2.


Роберто Манчини ги прероди „азурите“

Роберто Манчини го наследи Џанпјеро Вентура на селекторската фотелја на Италија во мај 2018, по фијаското во баражот за СП во Русија, и ги предводеше „азурите“ до триумф на Европското првенство (ЕП) три години подоцна. Тој се надева дека во март неговите избраници ќе ги повторат игрите од минатото ЕП.
– Тоа се магични моменти, особено кога сте заедно некое време. Ќе биде многу важно да ги имаме на располагање сите играчи – вели Манчини.
Под водство на Манчини, Италија беше во рекордна серија од 37 меча без пораз, која беше прекината неодамна, со поразот од Шпанија (1-2) во полуфиналниот плејоф-меч во Лигата на нации (ЛН). Но веќе на следниот меч, во дуелот за третото место, Италија ја совлада Белгија (2-1), што беше 30-та победа за Манчини на 44 меча (плус 11 ремија и три порази) во сите натпреварувања како селектор на Италија, на најмалку натпревари од сите поранешни колеги. Вкупно ефектот на Манчини на 46 меча е 30 победи, 13 ремија и три порази.


Тројца Бразилци засилувања за Италија?

По ждрепката за баражот, италијанските медиуми пишуваат дека фудбалската федерација (ФИГЦ) прави напори за комплетирање на документацијата за тројцата Бразилци, напаѓачот на Калјари, Жоао Педро, дефанзивецот на Рома, Рожер Ибанез, и центархалфот на Лацио, Луис Фелипе, да добијат италијански пасоши и да имаат право на настап против Македонија во март. Во блиското минато, слична беше ситуацијата и со Жоржињо.
– Ние сме заинтересирани за сите играчи што можат да ни бидат на располагање. Тие играат на три различни позиции и засега работите добро се одвиваат. Ние ги решаваме формалностите, а потоа останува техничкиот дел, дали тие ќе бидат повикани или не во репрезентацијата – изјави претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина.