Меси е прототипот на постојаност, откако повеќе од една деценија постигнува по повеќе од 40 гола годишно и повеќе од 50 во девет од минатите 10 години. Тој им се придружи на фудбалерите што постигнале барем 700 гола во кариерата, Бичан, Ромарио, Пеле, Пушкаш, Милер и К. Роналдо

ФУДБАЛ

Лионел Меси го постигна 700-от гол во кариерата во сите конкуренции на мечот Барселона – Атлетико, 2-2, од фудбалското првенство на Шпанија. За Меси голот од пенал во стилот на славниот Антонин Паненка во 50. минута беше 22-от сезонава, 630-от за Барселона на 724 одиграни натпревари. Преостанатите 70 гола, Меси ги постигна во дресот на Аргентина.
Со тоа Меси влезе во елитниот „клуб 700“, во кој сега се седум фудбалери, според податоците за официјални мечеви на Фондацијата за фудбалска статистика (РСССФ), на која се повикува „Би-би-си“. Рекордер со 805 погодоци е Чехот/Австриец Јозеф Бичан, кој настапувал за повеќе австриски и чешки клубови во периодот од 1930 до 1955 година. Зад него се двајца Бразилци, Ромарио со 772 и Пеле со 767 гола, потоа се Унгарецот Ференц Пушкаш со 746, Германецот Герд Милер со 735, а шести е Португалецот Кристијано Роналдо со 728 гола.

Меси е прототип на постојаност. Тој во претходните 11 години постигнува повеќе од 40 гола за Барселона и за Аргентина и повеќе од 50 во девет од минатите 10 години. Годинава тој постигна 11 гола, според статистичките податоци на „Опта“ што ги користи „Би-би-си“. Од 40-те тима против кои играл во шпанската Ла лига, Меси нема постигнато гол против Xерез, Мурсија и против Кадиз, а најмногу има против Севилја (37), Атлетико Мадрид (32) итн.
Повеќето голови, 582, Меси ги постигна со левата нога, 92 со десната, а 24 со глава, потоа 52 гола од слободен удар, 90 од белата точка, 580 постигна со шут од шеснаесетникот, а 120 однадвор од 16-те метри. 


ПОВЕЌЕ ОД 700 ГОЛА ВО КАРИЕРАТА

ФУДБАЛЕР                      ГОЛОВИ         ПЕРИОД
Јозеф Бичан                   805                1931-1955
Ромарио                         772                1985-2007
Пеле                              767                1957-1977
Ференц Пушкаш             746                1943-1966
Герд Милер                    735                1962-1981
Кристијано Роналдо        728                2002-
Лионел Меси                  700                2005-

Извор: „Би-би-си“