„Базата“ на Македонија за првите два меча, против Австрија в недела на 13 јуни и против Украина на 17 јуни, ќе биде арената „Национал“ во Букурешт

Македонската фудбалска експедиција вчера пристигна за Букурешт, Романија, на деби-настапот на Европското првенство (ЕП) во фудбал што почнува в петок, 11 јуни, и ќе трае до 11 јули. Македонија е во групата Ц, заедно со селекциите на Австрија, Украина и на Холандија.
Македонските репрезентативци, вкупно 26, ги предводи капитенот Горан Пандев, кој си обезбеди место во аналите на фудбалската историја како стрелец на победничкиот гол против Грузија (1-0) во баражот во Лигата на нациите (ЛН). За Пандев, кој има одиграно 118 меча за селекцијата на Македонија и има дадено 37 гола, ова ќе биде круна на блескавата играчка кариера. На чело на стручниот штаб на Македонија е селекторот Игор Ангеловски, кој успеа да го реализира повеќедеценискиот сон на голем број македонски фудбалери, селектори и спортски работници, за настап на едно големо натпреварување.
„Базата“ на Македонија за првите два меча, против Австрија в недела на 13 јуни и против Украина на 17 јуни, ќе биде арената „Национал“ во Букурешт. Македонија таму ќе тренира и ќе ги одигра тие два меча, по што ќе се пресели во холандскиот град Амстердам, каде што ќе се сретне со селекцијата на Холандија, на 21 јуни. Освојувањето на едно од првите две места во групата ќе значи пласман во следната нокаут-рунда, евентуално и третото, оти четирите третопласирани селекции со најдобар резултат исто така одат натаму, во осминафиналето.
Македонија нема поголемо европско реноме и се смета за аутсајдер во оваа конкуренција за натамошен прогрес. Но со игрите и со освоеното трето место во квалификациите за ЕП 2020, со настапите во ЛН, како и со добриот старт во квалификациите за СП 2022, особено со победата над Германија на гости, Македонија покажа дека има квалитетен тим и потребно искуство да изненади некој од фаворитите, па и да ја мине групната фаза.


ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2020
Серија од четири меча без пораз

Црвено-жолтите во таа низа забележаа победи на средбите со Лихтенштајн, Германија и со Казахстан, а ремизираа со Словенија

Македонската фудбалска репрезентација без пораз на претходните четири меча замина на дебито на европските првенства (ЕП). Избраниците на селекторот Игор Ангеловски во минатите четири дуела забележаа победи над Лихтенштајн (5-0) и над Германија (2-1) во квалификациите за Светското првенство во 2022 година во Катар, потоа во тест-мечеви ремизираа со Словенија (1-1) и го победија Казахстан (4-0). Вкупната гол-разлика од овие четири средби е 12-2. Следува првиот меч на ЕП 2020, со Австрија, в недела (18 часот), во Букурешт, во групата Ц.
Од репрезентациите во групата Ц, во подготвителниот период Украина одигра најмногу средби од сите, три, во кои забележа две победи и еден нерешен резултат. Македонија и Холандија во двете средби остварија по една победа и реми, а црвено-жолтите имаа подобра гол-разлика (5-1). Австрија во двата пријателски натпревари пред ЕП не забележа победа и има еден нерешен резултат и пораз.
Ако се погледнат средбите на четирите репрезентации годинава (по три во квалификациите за СП и пријателските во мај и во јуни), Македонија и Холандија имаат по три победи и по еден пораз и реми, Украина два триумфа и четири нерешени и во една неофицијална табела би имале по 10 бода. Австрија забележа една победа и по две ремија и порази.