Селекторот Игор Ангеловски го објави списокот за натпреварот в четврток со Косово во Скопје, но и за двата меча од новата сезона на Лигата на нациите, лига Ц, со Естонија (в недела, во Талин) и со Грузија (14 октомври, во Скопје)
Македонската фудбалска репрезентација денеска треба да го има првиот собир за претстојниот меч со Косово, в четврток во Скопје (20.45 часот), во полуфиналето на првото издание на Лигата на нациите, лига Д. Тоа е меч од квалификациите за пласман на Европското првенство закажано за в година, оти победникот од средбата во Скопје во ноември ќе се сретне на гости со подобриот од мечот помеѓу Белорусија и Грузија, во решавачкиот дуел за настап на континенталното првенство.
Селекторот Игор Ангеловски го објави списокот за натпреварот на арената „Тодор Проески“, но и за двата натпревари од новата сезона на Лигата на нациите, лига Ц, против Естонија (11 октомври, во Талин) и против Грузија (14 октомври, во Скопје).
Вкупно 23 фудбалери се во составот на селекторот Ангеловски, но Елиф Елмас од Наполи нема да биде во тимот поради позитивен тест на ковид-19, а во репрезентацијата се враќаат Ферхан Хасани од фински Хелсинки, како и голманот Столе Димитриевски од Рајо Валјекано од Шпанија, кој минатиот месец паузираше поради позитивен тест на коронавирусот.
Мини-подготовките ќе се одвиваат во Скопје, на терените на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). На мечот в четврток ќе се користи и системот видеопомошник-судија (ВАР), најави ФФМ.
Важни мечеви ја очекуваат и македонската репрезентација за фудбалери до 21 година, и тоа в четврток на гости со Казахстан и на 13 октомври со Израел во Скопје (тренинг-центар „Петар Милошевски“) во квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година.
– Очекувам да ги повториме добрите игри од последните два натпревари против Шпанија и против Фарски Острови. Казахстан е сериозна селекција, играат тимски и агресивно, а тоа го потврдија на нашиот прв меѓусебен дуел во Скопје. Сметам дека имаме квалитет и потенцијал за добар резултат и наша цел е да останеме конкурентни за висок пласман во групата до крајот од квалификациите.
Добрата игра против Шпанија не ни донесе бодови, а тоа значи дека не ни преостанува ништо друго, освен да се бориме за победа на секој натпревар до крајот од квалификацискиот циклус – изјави селекторот Благоја Милевски.
Младата репрезентација во моментов е трета со 10 бода од шест меча. Толку бодови има и Казахстан, но од седум натпревари. Води Шпанија со 16 бода од шест средби. На ЕП 2021 во Унгарија и во Словенија ќе се пласираат победниците на деветте групи и пет најдобри репрезентации меѓу второпласираните.