Актуелниот првак ќе игра со Атлетико во осминафиналето во ЛШ, реприза на финале е дуелот Челси – Баерн, а Наполи ќе се сретне со Барселона во дуел на клубови што ги поврзува Марадона

Актуелниот европски фудбалски првак Ливерпул се враќа на местото на успехот, во Мадрид, на стадионот „Метрополитано“, каде што во јуни ја освои шестата титула победувајќи го во финалето Тотенхем со 2-0. Причина за враќањето на „црвените“ во Мадрид е дуелот против Атлетико во осминафиналната рунда во Лигата на шампионите (ЛШ), како што реши ждрепката влечена вчера.

Втора осминафинална двојка, која евоцира слични спомени, е Челси – Баерн. Прва асоцијација на дуелите меѓу овие два тима е финалето во 2012 година што се одигра на стадионот „Алијанц“, во Минхен, кое го доби Челси на пенали (по 120 минути игра беше 1-1). Второто потсетување датира од сезоната 2004/2005, кога овие два тима се сретнаа во четврт-финалето. „Сините“ од Лондон го добија првиот меч со 4-2, а во реваншот на Олимпискиот стадион во Минхен загубија со 2-3, но се пласираа во полуфиналето. Таму Челси беше елиминиран од Ливерпул, кој потоа стана европски шампион, петти пат, победувајќи го во незаборавното финале Милан (со 3-2 на пенали, по 120 минути игра беше 3-3) во Истанбул, каде што в година повторно ќе се игра финалниот меч, на стадионот „Кемал Ататурк“, на 30 мај.

Годинава во осминафиналето, 16-те екипи се од петте најсилни европски лиги, и тоа од Англија и од Шпанија по четири, од Германија и од Италија по три и од Франција две. Единаесет од 16-те екипи и лани беа меѓу16-те најдобри, а новаци се Лајпциг, Валенсија, Аталанта (првпат), Челси и Наполи.

Наполи, тимот за кој настапува македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, го доби еден од најтешките противници Барселона, предводена од Лионел Меси. Каталонците, кои се фаворити, првпат се среќаваат со Наполи. Она што тесно ги поврзува двата клуба е Диего Марадона, кој го носеше дресот на Барса од 1982 до 1984 година, потоа и на Наполи, од 1984 до 1991 година.

Реал Мадрид се среќава со Манчестер сити, а тренерите на двата тима, Зинедин Зидан и Пеп Гвардиола првпат ќе се сретнат на официјален натпревар. Овие два тима играа во полуфиналето во сезоната 2015/2016, а поуспешни беа „кралевите“ (0-0 и 1-0). ПСЖ предводен од Нејмар и од Килијан Мбапе со Томас Тухел на клупата ќе игра против Борусија, чиј тренер беше Тухел од 2015 до 2017 година, пред да замине за Париз.

Кристијано Роналдо со Јувентус се среќава со Лион, на патот до толку посакуваната европска титула, а Жозе Мурињо и Тотенхем ќе играат со Лајпциг. Една од најнеатрактивните двојки е Аталанта – Валенсија, што значи дека на една од екипите ѝ е загарантиран пласман во четврт-финалето. 


Спортинг на Ристовски против Башакшехир

Познати се и двојките за шеснаесеттинафиналето во фудбалската Лига Европа (ЛЕ). Португалски Спортинг од Лисабон, тимот на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, за противник го доби турскиот Башакшехир од Истанбул. Меѓу поинтересните двојки се Бриж – Манчестер јунајтед, Олимпијакос – Арсенал, Хетафе – Ајакс, Баер – Порто, Ајнтрахт – Салцбург итн.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Атлетико – Ливерпул
Борусија Д. – ПСЖ
Реал – Манчестер С.
Аталанта – Валенсија
Челси – Баерн
Лион – Јувентус
Тотенхем – Лајпциг
Наполи – Барселона
првите мечеви се од 18 до
26 февруари, а реваншите
од 10 до 18 март 2020 година

ЛИГА ЕВРОПА
Вулверхемптон – Еспањол
Спортинг – Башакшехир
Хетафе – Ајакс
Баер – Порто
Копенхаген – Селтик
АПОЕЛ – Базел
Клуж – Севилја
Олимпијакос – Арсенал
АЗ Алкмар – ЛАСК
Бриж – Манчестер ј.
Лудогорец – Интер
Ајнтрахт – Салцбург
Шахтар – Бенфика
Волфсбург – Малме
Рома – Гент
Ренџерс – Брага
првите дуели се на
20 февруари, а реваншите
се на 27 февруари 2020