Европскиот фудбалски првак Ливерпул поведе постапка за заштита како трговска марка на зборот Ливерпул, но истакна дека тоа е „само во контекст на фудбалски производи и услуги“, јави „Ливерпул ехо“.
Од англискиот фудбалски премиерлигаш велат дека апликацијата во Канцеларијата за интелектуална сопственост е поднесена за да ги заштити и клубот и приврзаниците „од оние што имаат корист од неавтентични производи“.
Исто така, од клубот велат дека со тоа ќе се обезбеди сите приходи од овие услуги и производи што го користат зборот Ливерпул во однос на клубот од „Енфилд“ да се вратат во клубот, а потоа да се реинвестираат во трансфери или во стадионот.
Овој потег не е преседан, откако други клубови во Премиер-лигата, како што се Челси и Саутемптон, имале заштитени имиња во врска со нивниот бизнис, го цитира „Ливерпул ехо“ неделникот „Бизнис лајв“.