Со победата над Шефилд јунајтед (2-0) оваа генерација фудбалери на Ливерпул си обезбеди место во историјата на Премиер лигата во која не се поразени цела година, од 3 јануари 2019-та па наваму. „Црвените“ кои последниот пораз го претрпеа од актуелниот првак Манчестер сити (2-1) на 3 јануари 2019 година, во следните 12 месеци одиграа 37 натпревари (забележаа 32 победи и пет ремија) и освоија 101 поен, или во просек 2,73 по меч.
Ливерпул, предводен од менаџерот, Германецот Јирген Клоп, е третиот тим во Премиер лигата што успеа цела година да остане непоразен. Претходно тоа им успеа на уште два тима, на Арсенал, на вкупно 49 натпревари, вклучително и целата 2003/2004 сезона, и на Челси, од октомври 2004 до ноември 2005 година.
– Немам доволно зборови за да го опишам сево ова, неверојатно е, кажува многу позитивни работи за нас. Ние не размислувавме за минатата година, за 365-те дена или што и да е друго. Размислувавме како да победиме на овој, како и на другите мечеви. Момчињата беа фокусирани 100 проценти, тоа е најважната работа за мене.
Нашата Нова година започна на крајот од мај лани, така што планираме да славиме во мај годинава, а не на Нова година – изјави Јирген Клоп по мечот со Шефилд.
Но и покрај таа непобедливост, Ливерпул не освои ниту еден домашен трофеј во 2019 година, беше втор на премиерлигашката табела, со 97 поени, еден помалку од Сити. Затоа, пак, успесите се редеа на меѓународен план. Ливерпул стана првата англиска екипа која истовремено е првак на Европа и на светот, и освојувач на Супер-купот на УЕФА.
Клучни за ваквите резултати на Ливерпул беа тројцата напаѓачи, Роберто Фирмино, Садио Мане и Мохамед Салах. Од вкупно 89-те гола дадени минатата година, само Мане (25), Салах (19) и Фирмино (10 гола) постигнаа двоцифрен број погодоци. Зад нив се Вирџил ван Дијк (шест) и Дивок Ориги (пет) итн. Најдобри асистенти се бековите Трент Александар-Арнолд (17) и Ендру Робертсон (13).
Доколку продолжи со оваа форма и резултати до крајот на сезоната, Ливерпул ќе го урне европскиот рекорд според бројот на освоени поени, 110. Најмногу бодови во лига во Европа, дури 106 има освоено шкотскиот Селтик во сезоната 2016/2017. Селтик (103 во 2001/2002), Јувентус (102 во 2013/2014), Реал (100, 2011/2012), Барселона (100, 2012/2013) и Манчестер сити (100, во сезоната 2017/2018) се единствените екипи кои освојувале 100 и повеќе поени во сезона.
Романската Стеауа која не беше поразена 104 меча во низа, од 1986 до 1989 година, е европски рекордер во таа категорија. Италијанскиот Милан, од мај 1991 до март 1993 година, или 672 дена, беше во низа од 58 средби без пораз. За евентуално израмнување со Милан, „црвените“ ќе треба да останат непоразени до 5 ноември годинава. Доколку сезонава ја заврши без пораз, Ливерпул би бил зад Милан, со 50 меча, односно 500 дена или 584 дена без пораз, до моментот кога ќе започне следната 2020/2021 сезона.