Левандовски од август годинава постигна 31 гол на 26 меча во разни натпреварувања и е на одличен пат да го престигне Роналдо за голови во една сезона во групна фаза и вкупно во ЛШ, како и да ги престигне сезонските рекорди на Милер во Бундес-лигата и на Меси за вкупно голови за клуб и за репрезентација
Роберт Левандовски со четирите гола во петтото коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) само ја продолжи одличната голгетерска сезона, во која од август постигна 31 гол, од тоа 27 за Баерн (16 во Бундес-лигата, 10 во ЛШ и еден во Купот на Германија) и четири за репрезентацијата на Полска. Левандовски со оваа серија голови е на добар пат да собори два рекорда на Кристијано Роналдо и по еден на Лионел Меси и на Герд Милер.
На Левандовски му недостига еден гол за да израмни, а два за да биде рекордер според бројот на головите постигнати во групна фаза на ЛШ. Сега рекордер е Роналдо со 11 гола во сезоната 2015/2016, во дресот на Реал Мадрид. Левандовски по пет кола постигна 10 гола и му претстои уште еден меч, со Тотенхем, на 11 декември, во 6-то коло на ЛШ.
Откако Баерн е веќе осминафиналист во ЛШ, Левандовски може да брка и уште еден рекорд на Португалецот, тој за најмногу голови во една сезона на елитното клупско континентално натпреварување. Роналдо во сезоната 2013/2014 постигна 17 гола, играјќи за Реал Мадрид.
Полскиот центарфор во германската Бундес-лига постигна 16 гола по 13 кола сезонава и има одличен ритам за да го достигне германскиот прволигашки рекорд за најмногу голови во една сезона, 40 погодока на Милер од сезоната 1970/71, исто така, во дресот на Баерн.
Левандовски со продолжување на серијата голови ќе може да цели и на рекордот на Аргентинецот Меси за најмногу голови во една сезона за клуб и за репрезентација. Напаѓачот на Барселона во сезоната 2011/2012 постигна 82 гола играјќи за Барселона и за Аргентина, на официјални мечеви во сите натпреварувања.
Просекот на Левандовски сезонава е 1,15 гол по меч, со 31-от погодок на 27 меча (за Баерн 13 натпревари во Бундес-лигата, пет во ЛШ, два во Купот на Германија и еден во Суперкупот на Германија, како и шест меча за репрезентацијата на Полска).
РЕКОРДИ ШТО МОЖЕ ДА ГИ ДОСТИГНЕ ЛЕВАНДОВСКИ
Најмногу голови во групна фаза во една сезона во ЛШ
Кристијано Роналдо 11 2015/16 за Реал Мадрид
Роберт Левандовски 10 2019/20 за Баерн, по пет кола
Најмногу голови во цела сезона на ЛШ
Кристијано Роналдо 17 2013/14 за Реал Мадрид
Роберт Левандовски 10 2019/20 за Баерн, по пет кола
Најмногу голови во една сезона во Бундеслигата
Герд Милер 40 1970/71 за Баерн
Роберт Левандовски 16 2019/20 за Баерн, по 13 кола
Најмногу голови во цела сезона за клуб и за репрезентација
Лионел Меси 82 2011/12 за Барселона и за Аргентина
Роберт Левандовски 31 2019/20 за Баерн и за Полска по 27 меча