Се најавува дека Франк Лампард, откако ќе стане нов тренер на англискиот фудбалски премиерлигаш Челси, ќе менува некои одлуки на негови претходници, јави британскиот дневен весник „Телеграф“.
Така, Лампард ќе дозволи фудбалерите од академијата на Челси да се мешаат со фудбалерите од првиот тим во тренинг-комплексот, нешто што го забранил Андре Вилас Боас, кога бил назначен за тренер на клубот, пишува весникот. Лампард сака и членовите на академијата редовно да тренираат со првотимците. Исто така, Лампард ќе побарал и промена на распоредот на тренинзите на младите категории за да може лично да ја следи работата со младите пред или по тренинзите со првиот тим, пишува „Телеграф“.
Најавите дека Лампард ќе биде назначен за нов тренер предизвикале возбуда во академијата, каде што се верува дека нивните напори сега ќе бидат соодветно вреднувани. Рубен Лофтус-Чик и Калум Хадсон-Одои се пробија во првиот тим на Челси под раководство на Маурицио Сари и тие беа првите што имале влијание во првиот тим, по Џон Тери. Се проценува дека академијата е најдобра во Англија во минатата деценија и дека продуцирала некои од најдобрите таленти во земјата, пишува „Телеграф“.