Не знам дали ќе имаме корист или ќе нѐ спречи, но мислам дека ќе го направи второто, поради стилот што го играме. Знаеме дека многу натпревари ќе се одлучат во последните минути и, ако противниците имаат можност да внесат свежи играчи во тоа време, таа слабост што се создава со уморни играчи нема да се појави, рече шефот на Барселона, Сетиен, пред да продолжи сезоната. Некои негови колеги сметаат дека правилото за пет замени е само добра работа за поголемите клубови, а кондицискиот тренер Лоренте, пак, вели дека со правилото се исполнува една од неговите цели, а тоа е избегнување повреди

ФУДБАЛ

 

Откако продолжи да се игра фудбал, едно од новите правила што се донесени поради влијанието на ширењето на коронавирусот е зголемување на бројот на заменети фудбалери од три на пет за време на еден натпревар. Правилото се користи за остатокот од сезонава, а неодамна го донесе Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), тело задолжено за правилата на фудбалската игра, како помош за екипите по долгата пауза поради пандемијата.
Правилото создаде одредена дебата помеѓу тренерите во фудбалската Ла лига во Шпанија, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“, на својата интернет-страница.
– Не знам дали ќе имаме корист или ќе нѐ спречи, но мислам дека ќе го направи второто, поради стилот што го играме. Знаеме дека многу натпревари ќе се одлучат во последните минути и, ако противниците имаат можност да внесат свежи играчи во тоа време, таа слабост што се создава со уморни играчи нема да се појави – рече шефот на Барселона, Кике Сетиен, пред да продолжи сезоната, пренесе „Марка“.
Ова беше мислење што не го повтори тренерот на Гетафе, Хозе Бордалас.

– Помалите екипи немаат состав со таква длабочина и, логично, ќе им бидат од полза на поголемите екипи, кои можат да го заменат квантитетот со квалитет. Во поголемите клубови замените се исто толку добри, ако не и подобри од играчите што ги заменуваат, а тоа не е случај со помалите клубови – смета Бордалас.
Тренерот на Вилјареал, Хавиер Калеха, исто така, се согласи дека правилото со пет замени на фудбалери за време на еден натпревар е добра работа само за поголемите клубови.
– Без сомнение, тоа им носи корист на поголемите клубови. Јас имам добар состав и уживам во можноста да направам пет измени, оти верувам дека тоа би нѐ одржало во добра состојба. Подобро е за сите, поради краткото време за подготовка за продолжување на сезоната и играчите можат да делат минути, но поголемите клубови нема да забележат промена во квалитетот на играта кога ќе направат замена – рече Калеха.

Тренерот на Мајорка, Висенте Морено, има поинаков начин на размислување.
– Појдовните 11 што ќе ги одберете се оние што сметате дека се најдобри 11 играчи за да победат на одреден меч, а кога треба да направите измени, треба да изберете фудбалери за кои не сте размислувале во почетокот. Но императив е да ја освежите играта, бидејќи играњето толку многу натпревари во краток временски период може да ги замори играчите – појаснува Морено.
Шефот на Леганес, Хавиер Агуире, исто така, го изрази своето мислење за новото правило.
– Треба да го задржиме правилото од пет замени и 12 играчи на клупата. Понекогаш играч заслужува да влезе во игра, но не може затоа што сте ги искористиле сите три замени. Правилото е добро, само не знам дали ИФАБ ќе го задржи во иднина – вели Агуире.

Пол Лоренте, кондициски тренер, вели дека со правилото се исполнува една од неговите цели, а тоа е избегнување повреди.
– Тоа ни овозможува кога имаме гранична ситуација да направиме две измени повеќе од вообичаеното за да се избегнат некои пречки – вели тој.
Леганес, Вилјареал, Бетис, Леванте, Севилја, Мајорка и Гранада се екипите што ги искористија 20-те можни замени во овие четири кола во најсилната шпанска лига. 


Тренерите може да бидат повлијателни од кога било

Поранешниот шеф на Спортинг Хихон, Хозе Алберто Лопез Менендез, смета дека тоа правило за пет измени во фудбалот е навистина одлична можност тренерите да влијаат на она што се случува на теренот.
– Во можност сте да промените речиси половина од почетниот состав на еден натпревар, што може да ги направи тренерите повлијателни од кога било. Сега повеќе од кога и да е промените се фундаментални во играта, особено на последните четири или пет натпревари – вели Алберто за „Марка“.