По континенталните првенства, разговорите веќе се пренасочија кон тоа кој може да ја добие наградата „златна топка“ за најдобар фудбалер на светот во изборот на францускиот магазин „Франс фудбал”, а повеќе европски медиуми ги издвоија Меси, Жоржињо, Кејн, Левандовски, Кјелини, Донарума, Де Брујне, Канте…

ФУДБАЛ

По завршувањето на фудбалската сезона, која кулминира со одложените минатогодишни финални турнири на Европското првенство (ЕП) и на Копа Америка (шампионатот на Јужна Америка), разговорите веќе се пренасочија кон тоа кој може да ја добие наградата „златна топка“ за најдобар фудбалер на светот во изборот на францускиот магазин „Франс фудбал“, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница. Во оптек се поголем број кандидати по двата престижни континентални шампионати, а „Марка“ издвојува петмина.
Лионел Меси веројатно немаше да биде сериозен кандидат доколку не триумфира на Копа Америка, каде што беше прогласен за најдобар играч, а беше и прв стрелец. Но како предводник на Аргентина до првиот поголем успех од 1993 година и прв за него во сино-белиот дрес, тој важи за фаворит за добивање уште едно вакво признание, седмо за него во кариерата. Жоржињо, играчот за врска, е двоен европски шампион, клупски со Челси во Лигата на шампионите и со Италија на ЕП. Тие две титули имаат голема „тежина“, што значи дека тој има шанси да биде прогласен за најдобар играч во светот за 2021 година. Да победеше Англија на ЕП, тогаш Хари Кејн можеби ќе беше еден од фаворитите за наградата. Напаѓачот на Тотенхем не го почна добро турнирот, но во нокаут-рундата играше многу подобро.

Не треба да се занемари извонредната сезона на Роберт Левандовски во Баерн, кој го собори 49-годишниот рекорд на Герд Милер од 40 гола во Бундес-лигата, постигнувајќи 41 гол на 29-те настапи, и ја освои „златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа сезонава. Настапите на Џорџо Кјелини на ЕП се за секоја почит. Ниту еден дефанзивец не ја добил „златната топка“ од Фабио Канаваро, кој ја предводеше Италија до триумф на Светското првенство (СП) во 2006 година. Можеби е време тоа да се промени, пишува „Марка“.
Во конкуренција за ова признание, според повеќе европски медиуми, веројатно се и голманот на репрезентацијата на Италија, Џанлуиџи Донарума, кој беше прогласен за најдобар играч на Европското првенство 2020, потоа Французинот Нголо Канте, еден од најдобрите играчи на Челси во освојувањето на титулата во Лигата на шампионите, Белгиецот Кевин де Брујне, фудбалерот на англискиот првак Манчестер сити и играч на сезоната во Премиер-лигата, како и други. Л.Д.


Жоржињо: Не сум најдобар, но освоив најмногу титули

Сите имаме соништа, но, искрено, тоа ќе зависи од критериумите врз кои ќе се донесе одлуката. Ако зборуваме за талент, тогаш знам дека не сум најдобар во светот. Но ако се сметаат титулите, тогаш никој не освои повеќе од мене сезонава. Како можам да се споредувам со Меси, Нејмар или со Кристијано Роналдо? Тие имаат сосема различни карактеристики од мене. Но сѐ ќе зависи од критериумите, вели фудбалерот на Челси, Италијанецот Жоржињо, пренесува „Марка“.