ФУДБАЛ – АНАЛИЗА НА УЕФА ЗА ЕП 2020
Тактичката флексибилност и навремените замени беа клучни за успехот во финалето, според техничкиот извештај на Европската фудбалска унија (УЕФА) за Европското првенство (ЕП) годинава, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Техничките набљудувачи на УЕФА ја разгледуваа фреквенцијата на промени во формацијата во играта и „уметноста“ во реконструкција на тимот.
Од тренерска перспектива, тактичката флексибилност беше една од истакнатите карактеристики на Европското првенство годинава, не само од натпревар на натпревар туку и во индивидуални игри. По гледањето на првите 20 минути од мечот Велс – Данска, кога доминираа Герет Бејл и Арон Ремзи, малкумина би можеле да предвидат конечен резултат од 0-4, пишува УЕФА. Потоа, Каспер Хјулманд го смени Андреас Кристенсен од централен бек во средниот ред, менувајќи ја својата почетна формација 3-4-2-1 во 4-3-3. Данска ја презеде контролата од Велс и ја одржа, префрлувајќи се на формацијата 3-5-2 за да ја зачува предноста од 2-0. Тоа е само еден од повеќето примери во информацијата на УЕФА.
Прашањето за тактичка флексибилност беше испреплетено со опцијата да се направат пет замени, или шест во осумте натпревари што се играа во продолженија.
– Тренерите треба да добијат многу заслуги за нивната способност да се приспособат и да направат промени – рече Пакни Бонер, пренесе УЕФА.