Мечот ќе се игра на Олимпискиот стадион во Киев, а за пехарот ќе се борат Реал, кој е најтрофеен со 12 титули, и Ливерпул, петкратниот европски шампион
Киев, главниот град на Украина, привршува со подготовките за големиот настан, финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, на 26 мај (20.45 часот). За трофејот ќе се борат шпанскиот Реал Мадрид, кој е најтрофеен со 12 титули, од кои две во последните две години и англискиот Ливерпул, петкратниот европски шампион.
Мечот ќе се игра на Националниот спортски комплекс (НСК), односно на Олимпискиот стадион во Киев, кој е со капацитет од 70.500 места (за финалето ќе биде редуциран на 63.000 места). Стадионот е изграден во 1923 година за потребите на тогашната Спартакијада, потоа е реновиран неколкупати, за мечевите на фудбалскиот турнир на Летните олимписки игри (ЛОИ) 1980 и последен пат во 2011-та, пред завршниот турнир за Европското првенство (ЕП) 2012 што се одржа во Украина и во Полска. На него тогаш беа одиграни пет натпревари, меѓу кои и финалето меѓу Шпанија и Италија (4-0). На него натпреварите ги игра репрезентацијата на Украина, а го користи и Динамо, кој е формиран во 1927 година и е најпознатиот и најтрофеен со 13 титули во СССР и 15 во Украина, победникот во Купот на победниците на куповите (КПК) во 1975 и во 1986 година.
Киев, кој е сместен на брегот на реката Днипро, во централниот дел од Украина, има околу 2.800.000 жители, и е родниот град на великаните на украинскиот фудбал, Олег Блохин и Валериј Лобановски.
Во рамките на финалето, традиционално, од 24 до 27 мај, во центарот на Киев ќе се одржи УЕФА-фестивалот со многу интересни и забавни содржини и на кој влезот е слободен. Таму, тие денови ќе може да се сретнат познати поранешни славни фудбалери, ќе можат да се добијат нивни автограми, ќе има голем број музички групи, диџеи, шампионска галерија на УЕФА, а присутните ќе можат да се фотографираат со трофејот на ЛШ.
Планирани се четири навивачки зони. Официјалната наречена „село на шампионите“, се наоѓа на централната градска улица, Крешчатик. Таму ќе биде поставен фудбалски мини-терен, на кој ќе настапат тимови составени од пријатели на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко и на легендарниот украински напаѓач Андриј Шевченко, амбасадорот на годинашното финале. На плоштадот „Контрактова“, ќе има еднодневна навивачка зона, плус уште две зони во паркот „Шевченко“, именуван по поетот од 19 век Тарас Шевченко, а не по поранешниот напаѓач на Милан и на Челси.
За безбедноста на 33.000 навивачи на Реал и на Ливерпул (двата клуба добиваат по 16.500 билети за финалето по цена од 70 до 450 евра), покрај редовните полициски сили од Киев и од околината ќе се погрижат и над 3.000 припадници на националната гарда, под раководство на Кличко. Покрај 30.000 навивачи на тимовите-финалисти, последниот викенд од мај во Киев се очекуваат и над 100.000 странски туристи.
На аеродромот „Бориспол“ оддалечен 35 км источно од Киев се очекуваат над 100 авиони во текот на викендот пред и по одигрување на финалето, со поинаков распоред на работата, за да нема застои. На некои од тие летови ќе биде забрането носењето багаж за да се забрза целиот процес на контролните точки.
Во деновите пред финалето, цените за изнајмување и за резервација на собите во хотелите во Киев се очекува да се зголемат десеткратно. Во приватниот сектор 98 отсто од апартманите веќе се резервирани и се со просечна цена од 420 евра за ноќевање. Идентични се и цените по хотелите, кои почнуваат од 420 евра за една ноќ па нагоре.
Финалниот меч меѓу Реал, кој номинално е домаќин и ќе може да избира со каква боја на дресовите ќе настапи, и Ливерпул, ќе го суди Србинот Милорад Мажиќ (45) на кого ќе му помагаат сонародниците Милован Ристиќ и Далибор Ѓурѓевиќ. Четврти судија е Клемент Турпин од Франција.
Женско финале: Лион – Волсфбург
Во Киев, на стадионот „Валериј Лобановски“ (16.800 седишта), два дена пред финалето на ЛШ, на 24 мај, четврток (18 часот), ќе се одигра женското финале во ЛШ, меѓу Лион и Волфсбург, кои доминираат последниве години во Европа. Лион се закити со четири (2011, 2012, 2016 и 2017), а Волсфбург со две титули (2013 и 2014).
Ова ќе биде трето финале меѓу овие два тима во последните пет сезони. Лион, кој лани ја одбрани титулата победувајќи го ПСЖ (на пенали со 7-6), беше подобар од Волфсбург во 2016-та (на пенали, 4-3). Во 2013-та Волфсбург го совлада Лион (1-0).