Главна грижа на Премиер-лигата е како ќе се справи со проблемите во врска со слободното движење на луѓето, што е клучен аспект на модерниот фудбал во Европа

По брегзит, терминот што се користи за да се опише повлекувањето на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ), почнаа анализите и процените за тоа како и колку ќе се рефлектира тој врз англискиот фудбал, особено на клубовите во Премиер-лигата. Станува збор, пред сѐ, за работните дозволи и за трансферите на глобално ниво, кои несомнено ќе влијаат, бидејќи Премиер-лигата е дел од општеството и не ќе може да се заштити од евентуалните последици од напуштањето на ЕУ, се вели во анализата на фудбалскиот интернет-портал „Гол“ (goal.com).

Претставниците на Лигата и повеќе клупски челници не ја криеја загриженоста, па и збунетоста, во врска со можните последици од брегзит врз фудбалот во земјата. Повеќето од 20-те клуба во Премиер-лигата беа против брегзит уште во 2016 година. Првиот човек на лигата, Ричард Скадмор, во интервју за „Би-би-си“, меѓу другото, рекол дека кампањата за напуштање на ЕУ е „целосно несмасна“, што значи дека Премиер-лигата сега ќе се најде на непознат, неистражен терен.

Сѐ уште не се знае како ќе влијае брегзит врз Премиер-лигата, но постојат неколку сценарија за тоа што би се случило. Едно е дека „тврдиот“ излез од ЕУ ќе ги врати построгите регулативи во врска со размената на стоки и луѓе, а „мекиот“ сѐ помалку строги мерки. Главна грижа на Премиер-лигата е како ќе се справи со проблемите во врска со слободното движење на луѓето, што е клучен аспект на модерниот фудбал во Европа. За премиерлигашките клубови, особено оние врвните, работење на слободниот трансфер-пазар е клучно за успехот, па, оттаму, сите ограничувања за слободно движење на луѓе што би произлегло од брегзит неизбежно би создале проблеми.

По брегзит, можно е фудбалерите од земји на ЕУ, од Германија, Франција или Шпанија, за кои се заинтересирани Манчестер јунајтед или Арсенал на пример, да бидат третирани на ист начин како и фудбалерите што не се од земјите-членки на ЕУ. Тоа значи дека тие ќе мора да задоволат одредени критериуми или да бидат третирани како исклучоци за да добијат работни дозволи, како вработени во фудбалски клуб во Велика Британија. Во ноември 2018 година, во еден напис во „Тајмс“ се открива дека Фудбалската асоцијација (ФА) предложила да се ограничи бројот на странски играчи во премиерлигашките тимови на 12, што е намалување за пет играчи. Ваквата мерка неизбежно ќе влијае на клубовите, особено на врвните.

Напуштањето на ЕУ ќе значи и дека клубовите во Велика Британија потешко ќе ангажираат играчи од Европа под 18 години за своите академии. Регулативите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за заштита на малолетни лица овозможуваат меѓународен трансфер на фудбалери на возраст меѓу 16 и 18 години, доколку станува збор за клубови на територијата на ЕУ. Во моментот кога ќе заврши брегзит, Велика Британија веќе нема да биде во рамките на ЕУ, што, на пример, значи дека некој следен Сеск Фабрегас не ќе може да замине во Арсенал од Барселона. Британските фудбалски клубови, наводно, биле уверени од ФИФА дека ќе продолжат да уживаат во исклучокот на членот 19 од регулативата за статусот и трансферот на играчи до крајот на транзицискиот период, 31 декември 2020 година. Што ќе биде потоа е нејасно.
Друга загриженост што се појави како резултат на брегзит е статусот на британските фудбалери што играат за клубови во Шпанија, Германија или во Франција. Во блиска иднина на британските фудбалери ќе им биде потешко да се преселат во земја на ЕУ, како резултат на можната потреба од работни дозволи.


Во 21 век, 11 тима од Англија играа во Лигата на шампионите

Многуте пари од вносните ТВ-договори им помогнаа на премиерлигашките клубови да ги ангажираат најдобрите фудбалери, со што се создава перцепција дека таа е најдобрата лига во светот. Од формирањето на Премиер-лигата во 1992 година – досега, таа прерасна во вистинска космополитска атракција, арена во која некои од најдобрите светски фудбалери ги покажуваат своите способности. Оваа лига испорача 11 клуба во Лигата на шампиони (ЛШ) во 21 век, а четири од нив станаа и европски шампиони.