Челси (33 бода), Манчестер сити (32) и Ливерпул (31) се многу квалитетни, но и со различни клучни квалитети. Периодот во декември и згуснатиот распоред во Премиер-лигата ќе бидат голем тест за формата на тимовите. Многумина се надеваат и посакуваат да продолжи трката за титулата со трите тима, иако би било одлично да ги има уште повеќе
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Ливерпул го декласира Евертон (4-1) на гости во 239-то градско дерби, постигнувајќи два и повеќе голови на 18 натпревари во низа во сите конкуренции, што е нов рекорд во најсилната фудбалска лига на Англија. Ливерпул, кој победи на 17 од последните 22 натпревари во сите натпреварувања (загуби само еднаш), ја забележа и највисоката победа на гости над Евертон по ноември 1982 година кога славеше со 5-0. „Црвените“ постигнаа 25 гола на седумте гостувања сезонава, што е нов рекорд во Премиер-лигата, колку и Барнли во Првата лига во сезоната 1961/62.
Победи на гости забележаа и лидерот Челси, против Вотфорд (2-1), и бранителот на титулата Манчестер сити, над Астон вила (2-1). Со тоа овие три тима по 14 кола се издвоија на врвот на табелата (Челси 33 бода, Манчестер сити 32, Ливерпул 31…) и како што стојат работите ќе водат израмнета трка за титулата до крајот што ретко се случува.
Манчестер сити, Челси и Ливерпул се многу квалитетни, но и со различни клучни квалитети. Сити има искуство и постојаност, освои три титули во претходните четири сезони под водство на Пеп Гвардиола. Челси и Томас Тухел имаат многу играчки опции буквално на секоја позиција. Ливерпул веројатно ги има најдобрите први 11, а тројца од четворицата најдобри стрелци во лигата играат за Јирген Клоп, Садио Мане со седум погодока, Диого Жота со осум и Мохамед Салах со 13 гола (вкупно 19 на исто толку меча сезонава во сите натпреварувања, има и осум асистенции во Премиер-лигата и е вклучен во повеќе голови од кој било играч во петте најдобри европски лиги сезонава).
Се вели дека Ливерпул е подобар од Сити кога ќе одигра најдобро, но Сити почесто игра на највисоко ниво, Челси ја има најдобрата одбрана, со само шест примени гола, и разновидност на нивните стрелци (во моментов Челси има 10 играчи со два или повеќе постигнати гола). Периодот во декември и згуснатиот распоред на мечеви во Премиер-лигата ќе бидат голем тест за формата на тимовите. Многумина се надеваат и посакуваат да продолжи трката за титулата со трите тима, иако би било одлично да ги има уште повеќе.