Десет клуба од Премиер-лигата и 34 екипи од Фудбалската лига може да имаат по 2.000 гледачи за секој натпревар од викендов
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Со по 2.000 гледачи што може да присуствуваат на стадионите во зоната два во Англија, фудбалските клубови имаат незавидна задача да се обидат да одлучат кои поддржувачи ќе добијат „златен билет“, пишува „Ројтерс“. Ниту еден клуб од Премиер-лигата не спаѓа во зоната еден на новиот систем на Владата, а 10 од премиерлигашите не можат воопшто да пречекаат ниту еден гледач откако се најдоа во најрестриктивната зона три.
Сепак, 10 клуба од Премиер-лигата и 34 екипи од Фудбалската лига може да имаат по 2.000 гледачи од викендов. Првиот натпревар со публика ќе биде дуелот на Арсенал во Лига Европа, со Рапид Виена в четврток, а клубот потврди дека билетите ќе бидат достапни со продажба „прв дојден, прв услужен“. Ливерпул може да биде домаќин на гледачи на дуелот со Вулверхемптон в недела. Само на носителите на сезонски билети или на членовите со доволно кредити, од регионот на Ливерпул, ќе им биде дозволено да аплицираат за 75 отсто од 2.000 билети, а преостанатите одат за исполнување договорни обврски, пишува „Ројтерс“.
Во рагби, пак, објавено е дека 400 од билетите за последниот меч есенва на Англија во Купот на нации ќе им бидат дадени бесплатно на локалните здравствени работници, околу 600 се за семејствата на играчите, локалните рагби-клубови и спонзори, а околу 1.000 билети ќе бидат на продажба.
Ливерпул ги советува гледачите со билети да направат тест на ковид-19, а директорот за јавно здравје на Ливерпул, Метју Ештон, исто така, ги повика приврзаниците да ги направат тестирањата дел од нивната рутина пред да одат на натпревари. Тотенхем, кој може да има публика за дербито на северен Лондон со Арсенал в недела, објави што може да очекуваат гледачите на денот на натпреварот, па, така, тие ќе имаат термини за влез, за да се избегне метеж на влезот и надвор од стадионот, ќе има засилени хигиенски мерки, вклучувајќи дезинфекција пред, за време и по натпреварот, храната што ќе се консумира на стадионот ќе биде по принципот „кликни и подигни“ преку официјалната апликација на Тотенхем, со што се намалува потребата од создавање редица, пишува „Ројтерс“.