По две кола, репрезентацијата, која Италијанците почнаа да ја нарекуваат „победничка машина“ бидејќи е во серија од 29 меча без пораз, е првата што обезбеди осминафинале на ЕП 2020, а можни противници се второпласираниот од групата Ц или од групата Б
Италија стана првата фудбалска репрезентација што се пласира во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) по уште една импресивна победа, сега во второто коло на дуелот со Швајцарија (3-0). „Азурите“, кои во првото коло ја совладаа и Турција со идентични 3-0, никогаш досега немаа постигнато три гола на ЕП, сѐ до ова континентално првенство, Италија во квалификациите забележа максимални 10 победи.
Со новиот триумф во рамките на групата А, Италија веќе обезбеди пласман понатаму и во осминафиналето, ако биде прва во групата, ќе игра во Лондон со второпласираниот од групата Ц, во која игра Македонија. Ако, пак, Италија биде второпласирана во својата група, во осминафиналето ќе игра во Амстердам, со второпласираната селекција од групата Б, во која се Белгија, Русија, Финска и Данска.
Два гола постигна Мануел Локатели (23), првпат во кариерата, и стана третиот фудбалер што постигнал два гола за Италија на меч на ЕП, по Марио Балотели против Германија во 2012 година и Пјерлуиџи Казираги против Русија во 1996-та. Чиро Имобиле, стрелецот на третиот гол, стана првиот италијански фудбалер што постигнува гол на двата воведни натпревари на голем турнир (ЕП и светско првенство), по Кристијан Виери на СП 2002.
Италијанците почнаа да ја нарекуваат репрезентацијата „победничка машина“ бидејќи е во серија од 29 меча без пораз (24 победи и пет ремија), а последниот пораз го претрпеа од Португалија, во септември 2018-та. Италија, која на претходните 10 меча постигнуваше два и повеќе гола по натпревар, не е поразена на домашен терен на 58 официјални натпревари (45 победи и 13 ремија, почнувајќи од септември 1999 година и поразот од Данска во Наполи (2-3) во квалификациите за ЕП 2000.