Домаќинот Египет и актуелниот првак на Африка, Камерун, нема да играат во четврт-финалето на фудбалскиот Куп на нациите на Африка. Мадагаскар, пак, е најпријатното изненадување, откако како дебитант на шампионатот веќе се пласира во четврт-финалето, а и Бенин со играњето меѓу осумте најдобри го оствари најголемиот успех досега на Купот на нациите на Африка. Египет во осминафиналето загуби со 0-1 од Јужна Африка, која шести пат е во четврт-финалето. Нигерија во меч со два пресврта славеше на дуелот со Камерун, со 3-2 и се пласира меѓу најдобрите осум репрезентации, по 16-ти пат.

Мадагаскар и ДР Конго ремизираа 2-2, но на пенали Мадагаскар славеше со 4-2. Алжир со 3-0 ја совлада Гвинеја за 11-то четврт-финале, Сенегал минимално ја победи Уганда и десетти пат ќе игра меѓу осумте најдобри, а Бенин, пак, на пенали го победи Мароко, откако по 120 минути игра беше 1-1. До ова првенство Бенин трипати играше во групната фаза на Купот на нациите (2004, 2008 и 2010 година).

Осминафиналето се комплетира вчера со двојките Гана – Тунис и Мали – Брегот на Слоновата Коска.


ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Уганда – Сенегал 0-1
2. Мароко – Бенин 1-1, 1-4 п.
3. Нигерија – Камерун 3-2
4. Египет – Јужна Африка 0-1
5. Мадагаскар – ДР Конго 2-2, 4-2 п.
6. Алжир – Гвинеја 3-0
7. Гана – Тунис вчера
8. Мали – Брегот на СК вчера
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Сенегал – Бенин среда
Нигерија – Јужна Африка среда
Мадагаскар – Победник 7 четврток
Алжир – Победник 8 четврток

НАЈГОЛЕМИ УСПЕСИ ДОСЕГА НА ЧЕТВРТФИНАЛИСТИТЕ
Нигерија првак (1980, 1994, 2013)
Алжир првак (1990)
Јужна Африка првак (1996)
Сенегал 2. место (2002)
Бенин четврт-финале (2019)
Мадагаскар четврт-финале (2019)