Кина ќе биде домаќин на првото издание на проширеното клупско Светско првенство (СП) во јуни и во јули 2021 година. На состанокот на Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Шангај, претседателот Џани Инфантино рече дека одлуката за одржување на турнирот во Кина е „историска“ и оти дополнително ќе придонесе за развојот на клупскиот фудбал во Азија.
– Ова е прво вистинско клупско СП на кое ќе се натпреваруваат најдобрите клубови. Тоа ќе ни овозможи да генерираме значителен приход, но сакам да го истакнам ова многу јасно – ФИФА ќе има нула заработка од ова клупско СП затоа што приходот ќе го реинвестираме во фудбалот – ја пренесе „Ројтерс“ изјавата на Инфантино.
Натпреварувањето моментално има седум екипи, а ќе се прошири на 24 екипи од 2021 година и ќе се одржува секои четири години. Во Катар ќе се одиграат последните две изданија со по седум екипи, годинава и в година.
Критериумите за форматот, за тоа кои и по колку клубови од секоја конфедерација ќе настапат на завршниот турнир на Светското клупско првенство во 2021 година, треба да бидат утврдени подоцна, по консултации со шесте конфедерации, соопштија од ФИФА. Предвидувањата се дека Европа ќе биде застапена со осум тима, шест ќе има од Јужна Америка, по три од преостанатите три конфедерации, Африка, Азија и Северна Америка, и по еден од Океанија, односно од домаќинот Кина.
Според најавите, тимовите на СП 2021 би биле поделени во осум групи, со по три екипи, а победниците на групите би ги продолжиле натпреварите во четврт-финалето. Така, финалистите на тоа СП ќе одиграат по пет меча.