Ова е најдоброто Светско фудбалско првенство досега. Имавме 90 проценти исполнетост на стадионите, повеќе од еден милион навивачи дојдоа во Русија, повеќе од три милијарди ТВ-гледачи, повеќе од седум милиони посетители на фан-фест, имавме голем успех на системот ВАР, ниту еден позитивен допинг-тест, рече, меѓу другото, претседателот на ФИФА
Ова е најдоброто Светско фудбалско првенство досега. Благодарност до сите инволвирани, секако најважните се тие на теренот – фудбалерите, тренерите, судиите, но и сите што се погрижија за сѐ да биде во најдобар ред. Благодарност до Русија, до Владата, претседателот Владимир Путин, организацискиот комитет, Фудбалската федерација на Русија, сите волонтери и сите што овозможија ова да биде најдоброто СП. Ова СП е многу успешно и затоа што му овозможивме на фудбалот да зборува. Честитки до сите 32 репрезентации, многу големи честитки до финалистите. На ова СП се покажа дека веќе нема мали и големи, туку постои само квалитетот, изјави, меѓу другото, Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), на завршната прес-конференција на СП 2018.
Инфантино потоа прецизира и други аспекти на оцената за најдоброто СП досега.
– Имавме 90 проценти исполнетост на стадионите, повеќе од еден милион навивачи дојдоа во Русија, повеќе од три милијарди ТВ-гледачи, сигурно една милијарда за финалето, што е шест пати како Супербоул, на пример. Имавме повеќе од седум милиони посетители на фан-фест. Тука е и големиот успех на системот ВАР, потоа и фактот дека нема ниту еден позитивен допинг-тест. Згора, имавме само еден меч со резултат 0-0 и имавме многу одлични мечеви. Нивото на инфраструктурата и на сите детали, како сигурноста, нивото на експертиза и друго, беа навистина досега невидени, а би ја истакнал и екстремно пријателската атмосфера, од почетокот. ВАР функционира одлично. Резултатите се екстремно јасни и екстремно позитивни. Над 440 проверки досега, 19 прегледи на снимки на 63 меча, 16 сменети одлуки, од погрешна во исправна. Ова е прогрес. ВАР не го менува фудбалот, туку го прави почесен, потранспарентен. Не знам дали забележавте, но гол од офсајд е минато во фудбалот, барем во фудбалот со ВАР и веќе нема да видите гол од офсајд. Сега веќе е тешко замисливо СП без ВАР – рече Инфантино.
ВАР, само една „нула“, многу неизвесност, изненадувања…
Светското првенство во фудбал во Русија ќе остане запаметено и по успехот на повеќе репрезентации, пред сите на Хрватска, која само со пласманот во финалето го постигна својот најголем успех на мундијалите (синоќа играше со Франција за титулата светски првак), потоа и на Белгија, која првпат во својата историја освои медал (бронзен). Секако, СП 2018 ќе се памети и по дебито на системот видеопомошник-судија (ВАР), со чија помош беа постигнати и повеќе голови (од досудени пенали), но и на рекордно малиот број мечеви со резултат 0-0 (само еден до синоќешното финале), нешто незабележано од СП 1958, на кое првпат имаше ремија без голови (тогаш два меча завршиле со 0-0). Сето тоа придонесе за интересни, возбудливи, често и крајно неизвесни мечеви, со многу пресврти во играта и во резултатот.