Венгер (71) во интервјуто за весникот „Телеграф“ вели дека се обидува да го „предвиди следниот чекор“ во постојаното подобрување на перформансите на фудбалерите и предвидува дека невронауката ќе биде „виновна“ за следната голема еволуција во тренирањето на играчите

АРСЕН ВЕНГЕР, ШЕФ ЗА ГЛОБАЛЕН РАЗВОЈ НА ФУДБАЛОТ ПРИ ФИФА

Французинот Арсен Венгер, кој пред 25 години, како менаџер на Арсенал, ја револуционизира физичката подготовка на фудбалерите, предвидува дека невронауката ќе биде „виновна“ за следната голема еволуција во тренирањето на професионалните играчи. Венгер (71) во интервјуто за весникот „Телеграф“ вели дека се обидува да го „предвиди следниот чекор“ во постојаното подобрување на перформансите на фудбалерите и верува оти големиот напредок во врска со исхраната и со физичката подготвеност остави неискористена област за специјалистичките тренери.
– Ја поминавме фазата од фудбалер-играч до фудбалер-атлет со подобрување на физичките перформанси. Сите играчи што не можеа да го задоволат бараниот квантитет беа исфрлени од игра. Поради подобрите физички квалитети, намалени се просторот и времето за донесување одлуки. Гледаме дека од нозете до главата сѐ е подобрено. Можеби следниот чекор ќе биде да видиме што се случува во мозокот. Тоа може да биде брзината на донесувањето одлуки, квалитетот на преземените информации и флексибилноста при донесувањето одлуки – вели Венгер, шеф за глобален развој на фудбалот при Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Во контекст на тоа, Венгер додава дека веќе ја има видено тридимензионалната технологија што им овозможува на играчите да го тренираат мозокот, со изострување на нивниот избор на предвидување, визија и донесување одлука во дел од секундата.
– Мислам дека следниот чекор ќе биде технологијата за тренинг на мозокот. При тридимензионалниот тренинг ќе ставите „шлем“, со што ќе ја видите играта од вашата позиција и ќе го вежбате мозокот да донесува брзи одлуки, да предвидувате што се случува. Изгледа доста импресивно кога сте внатре. Можете да го ставите десниот бек на неговата позиција и да го видите истото како и тој кога е во игра. Факторот на визија и квалитетот на информациите што ќе ги добиете пред да добиете топка, очигледно, ќе бидат одлучувачка еволуција. Современиот менаџер треба да биде со многу отворен ум за секакви влијанија што можат да го направат подобар – вели Венгер.
Венгер беше меѓу првите тренери што користеа психолози и „манекени“ на тренинзите, пред да ги ревидира исхраната и работењето на физичката подготовка на играчите на Арсенал кога пристигна во Англија, во 1996 година. Но и покрај сите иновации, Венгер смета дека непосредното работење со луѓето и човечката интеракција остануваат најважните фактори во лидерството.

– Морате да ги откриете квалитетите и аспирациите на една личност и да бидете сигурни дека нејзините потреби се задоволени. Сите сакаме да бидеме подобри. Ја потценуваме комуникацијата. Понекогаш чувствувате дека индивидуалната иницијатива е намалена во корист на тоа сите да бидат апсолутно, 100 отсто во „моделот“. Мислам дека за да се постигне толкава рамнотежа треба да се имаат предвид и потенцијалите на играчите. Ако некој е многу креативен, а има ограничена издржливост и брзина и го натерате да трча секогаш кога ќе ја загуби топката, тој не ќе може да го искаже талентот. Играта е да се најде вистинската рамнотежа меѓу колективните правила и индивидуалната слобода секој да се изрази – вели Венгер.
Тој додава и дека клучен менаџерски предизвик е да се „прифати стресот“ при донесувањето одлуки, со мешавина на интуиција, искуство и податоци.
– Во одредена фаза треба да одлучите и да прифатите да донесувате одлука. Се обидував секогаш да бидам рационален, но никогаш не знаете со сигурност. Рационалноста на одлуката се зголеми феноменално. Во почетокот од мојата кариера сето тоа беше субјективно. На крајот на мојата работа во Арсенал бев опкружен со наука и имав многу пообјективни податоци – вели Венгер.