Доколку утре се одржеше конгрес на ФИФА, веројатно, мнозинството ќе гласаше за СП на две години. Но ние го гледаме целиот календар. Гледаме како да го подобриме фудбалот и колкумина можеме да привлечеме со новиот начин на организирање на фудбалот во иднина. Го продолжуваме дијалогот, ја продолжуваме анализата, се надеваме дека ќе можеме да напредуваме на овој или оној начин, или на некој среден начин, рече Инфантино, кој вели дека останува уверен оти може да се постигне консензус околу плановите за ревидиран календар, пренесува „Би-би-си“
Светски првенства (СП) на две наместо на четири години, би генерирале повеќе од 3,3 милијарди фунти (3,87 милијарди евра) дополнителни приходи во период од четири години, им беше кажано на делегатите на глобалниот онлајн состанок на Светската фудбалска федерација (ФИФА). ФИФА ја предлага промената како дел од обновениот календар, пишува „Би-би-си“.
Сите 211 земји-членки на ФИФА беа поканети на состанокот за да се дебатира за планот на Арсен Венгер, шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот, за удвојување на фреквенцијата на СП. Европската фудбалска унија (УЕФА), најголемите европски лиги и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) се против плановите.
На делегатите им беше кажано дека целокупното финансиско влијание врз приходите од продадените влезници, медиумските права и од приходите од спонзорство од СП на две години ќе резултира со зголемување од 6,2 милијарди за турнир со 48 селекции, што треба да се одржи во три земји во 2030 година на 10 милијарди евра во четиригодишен циклус со две СП.
На онлајн состанокот беше кажано дека, според процените на ФИФА, националните асоцијации, во просек, ќе добијат дополнителни околу 14,2 милиони евра. Венгер е решен да го намали јазот во финансирањето помеѓу најбогатите и најсиромашните земји и, за возврат, да ги зголеми шансите играчите од најсиромашните нации целосно да го реализираат својот потенцијал.
Во извештајот нарачан од Форумот на Светските лиги во ноември се вели дека предлогот на ФИФА може да ги чини домашните лиги и УЕФА околу осум милијарди евра по сезона изгубени од ТВ-правата и од комерцијални договори. Пред неколку дена, УЕФА објави извештај направен од консултантската фирма „Оливер и Олбау“, во кој се вели дека промените во меѓународниот календар ќе доведат до намалување на приходите помеѓу 2,5 и три милијарди евра за европските национални федерации во текот на четиригодишниот циклус.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вели дека останува уверен оти може да се постигне консензус околу плановите за ревидиран календар.
– Доколку утре се одржеше конгрес на ФИФА, веројатно, мнозинството ќе гласаше за СП на две години. Но ние го гледаме целиот календар. Гледаме како да го подобриме фудбалот и колкумина можеме да привлечеме со новиот начин на организирање на фудбалот во иднина. Го продолжуваме дијалогот, ја продолжуваме анализата, се надеваме дека ќе можеме да напредуваме на овој или оној начин, или на некој среден начин – рече Инфантино.