Британскиот весник „Гардијан“ пресметал дека по првите две недели од преодниот рок, клубовите во Англија, Шпанија, Германија, Италија и во Франција за 106 трансфери потрошиле 80,9 милиони фунти. Лани во јануари, на пример, само премиерлигашите потрошиле 230 милиони за трансфери
ФУДБАЛ
Како ретко кога досега, на половина од зимскиот преоден рок (трае од 1 јануари до 2 февруари) има молк кога станува збор за купопродажбата на фудбалери во петте најсилни европски лиги. Британскиот весник „Гардијан“ пресметал дека по првите две недели од преодниот рок, клубовите во Англија, Шпанија, Германија, Италија и во Франција за трансфери на 106 фудбалери потрошиле само 80,9 милиони фунти (околу 90 милиони евра). Лани во јануари, на пример, само премиерлигашките клубови потрошиле 230 милиони фунти за трансфери, во Серија А 180, во Бундес-лигата 165, во Ла лига 110 и во Лига 1 – 100 милиони фунти.
Зимава повторно предничат клубовите во Премиер-лигата, кои досега потрошиле 40,6 милиони фунти (околу 45,5 милиони евра). Потоа следуваат клубовите од Бундес-лигата со 29,9 милиони фунти (33,6), Серија А со 27,7 (31,4), Ла лига со два милиони (2,2) и Лига 1 со 1,4 милион фунти (1,5 милион евра).
Во Премиер-лигата за издвојување се само трансферите на Себастијан Алер од Вест Хем во Ајакс за 20 милиони фунти и на Амад Диало од Аталанта во Манчестер јунајтед за 18,7 милиони фунти. Во Бундес-лигата тоа е зделката на Лајпциг со Салцбург за Доминик Жобошлаи, вредна 22,9 милиони фунти. Во Серија А најактивна беше Аталанта, која го продаде Диало, а од Генк го купи Јоаким Меле за девет милиони фунти, а во Шпанија трансферот на Етиен Капуе од Вотфорд во Вилјареал вредеше два милиони фунти.