СЛУЧАЈОТ „ЕРИКСЕН“ ПОТТИКНА ЛАВИНА РЕАКЦИИ И ОТВОРИ МНОГУ ПРАШАЊА

Ериксен од болницата во Копенхаген разговарал со колегите преку видеоврска, за што неговите соиграчи велат дека многу им значи во обидите повторно да се фокусираат на натпреварите на ЕП

Кристијан Ериксен имаше едноставна порака за своите соиграчи од репрезентацијата на Данска кога им зборуваше од болницата првпат откако колабира. „Тој ни рече да гледаме напред и да му се радуваме на натпреварот в четврток. Тоа многу ми значи, ми дава нова енергија“, изјави Пјер-Емил Хојбјерг, кој беше еден од тројцата играчи на Данска, заедно со голманот Каспер Шмајхел и со напаѓачот Мартин Брајтвајт, кои разговараа со претставниците на медиумите по колабирањето на Ериксен на средбата со Финска на фудбалското Европско првенство (ЕП), пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Ериксен добро закрепнува, но ќе остане во болница за натамошни испитувања.
– Врвните спортисти се изложени на поголеми физички напори и на поголеми стресови од обичните луѓе. Оттаму и поголема е веројатноста да им се случи нешто слично како на Ериксен. И стресот може да биде причина. Кај него можеби е во прашање аритмија, затоа што во случај на инфаркт би почувствувал болка. Излив на крвта во мозокот изгледа поинаку. Постојат многу вродени срцеви мани, некои се, некои не се, компатибилни со големи оптоварувања. Покрај тоа, некои испитувања се скапи, а на некои не се гледа сѐ. ЕКГ-то, на пример, секогаш не ја покажува патологијата, за разлика од ултразвукот. Магнетската резонанца би покажала дека постои вродена срцева мана, но прашање е дали сите играчи ги минуваат овие прегледи или само кога нешто се насетува – вели хрватскиот кардиолог, Јосип Винцељ за хрватскиот дневен весник „Вечерњи лист“.

Во такви ситуации, најважна е брзината на реакцијата на медицинскиот персонал.
– Колку побрзо се реагира, толку е поголема веројатноста дека човекот ќе остане жив. Тука секоја секунда е многу важна – вели Винцељ.
Ериксен од болницата во Копенхаген разговарал со колегите преку видеоврска, за што неговите соиграчи велат дека многу им значи во обидите повторно да се фокусираат на натпреварите на ЕП.

„Поздрав до сите, ви благодарам за искрените пораки и за желбите за закрепнување од целиот свет. Тоа многу ни значи мене и на моето семејство. Добро сум со оглед на околностите, останувам во болница од каде што ќе навивам за репрезентацијата на следните натпревари. Играјте за цела Данска. Сѐ најдобро, Кристијан“, се огласи тој на социјалните мрежи.

Колабирањето на Ериксен го наруши расположението во Данска во врска со ЕП, но Брајтвајт вели дека неговото закрепнување многу им значи.
– Не се сомневам дека ќе има посебна атмосфера на стадионот на мечот со Белгија. Тоа со нетрпение го очекувам и сигурен сум дека тоа ќе ми биде мотивација да излезам да играм и за Кристијан – изјави Брајтвајт.

Данските фудбалери беа пофалени во домашната јавност затоа што формираа круг околу Ериксен за да го заштитат од очите на јавноста во моментите кога медицинскиот персонал му укажуваше помош.

Шмајхел, кој е близок пријател со Ериксен и со неговото семејство, го посетил во болницата. Тој го пофали медицинскиот персонал на тимот нарекувајќи ги „херои“ за помошта.
– Многу ми олесна кога видов дека е добро. Разговаравме за сѐ. Тоа што се чувствува добро е најважното. Ние сме професионални фудбалери што животите ги посветивме на фудбалот. Тие луѓе, пак, ги посветуваат своите животи на спасување животи. Чудо е како можат да бидат смирени во такви околности – изјави Шмајхел.


Дали требаше мечот да продолжи истиот ден?

Изјавата на легендарниот дански голман Петер Шмајхел во врска со мечот на кој Кристијан Ериксен колабира среде натпревар, крена голема прашина. Шмајхел (57) не се согласува со одлуката Данска да го продолжи мечот со Финска, по драмата за спасување на животот на Ериксен.

Во разговор за „Добро утро Велика Британија“ Шмајхел, на прашањето дали данските играчи самостојно донеле одлука да ја продолжат средбата (Финците победија со 1-0), рекол: „Тоа е интересно прашање. Јас всушност видов што рече УЕФА по натпреварот и тие тврдеа дека одлуката е на играчите да продолжи средбата. Но тоа не е сосема точно. УЕФА им дала на играчите три опции за избор: едното беше да се продолжи веднаш и да се играат последните 50 минути од натпреварот, второто да се продолжи следниот ден напладне и да се играат преостанатите 50 минути, а третото Данска да се повлече и да загуби со службен резултат. Еве, сега вие одлучете сами. Дали тие воопшто имаа избор? Не мислам така. Како што можевте да слушнете од тренерот подоцна, тој многу жали што ги врати фудбалерите во игра по ваква траума. Многу е тешко да се каже дали ќе има долгорочни последици за некои дански играчи. Тоа беше шокантна сцена во која еден човек оживеа пред играчите“, рече, меѓу другото, Шмајхел, пренесоа хрватските медиуми.

Слично изјави и поранешниот интернационалец Михаел Лаудруп.
– Мора да донесете одлука толку брзо по големиот емотивен настан и тоа, верувам, не е во ред. Таму требаше само да речат: „Секако, нема да играме повеќе вечерва, а потоа ќе разгледаме какви можности има“. Го почитувам фактот дека нашите играчи ја донесоа одлуката заедно со Финците, но кога ќе се случи такво нешто, вашите емоции ве контролираат и немате можност да погледнете и да донесете важна одлука. Мора да има некој што ќе рече: „Ние застануваме тука“, а потоа мора да го разгледаме. И под „ние“ мислам на организацијата, УЕФА. „Да се игра напладне следниот ден немаше смисла. Неколкумина од играчите немаше да спијат, а потоа ќе мораа да станат во осум часот наутро, да возите до Паркен во 10 часот, а потоа да играте напладне – изјавил Лаудруп за ТВ3+, пренесе „Гардијан“.