Македонскиот премиер Зоран Заев изјавил дека поплаките од Атина за амблемот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на дресовите на македонската репрезентација се разгледуваат и оти ќе бидат решени според Преспанскиот договор, објави „Катимерини“.
– Веќе го покренавме прашањето со ФФМ и ќе го решиме врз основа на Преспанскиот договор, правилата на УЕФА и според традицијата, во претстојниот период – навел Заев во писмената изјава за грчката национална телевизија „ЕРТ“ која ја пренесе „Катимерини“.
Претходно, министерот за спорт на Грција, Лефтерис Авгенакис, ѝ се обрати на УЕФА поради, како што истакна, изоставањето на буквата „Н“ во националниот грб на македонските дресови, која треба да го означува зборот „Северна“, при што тврдеше дека амблемот претставува кршење на Преспанскиот договор. УЕФА ја одбила жалбата, посочувајќи дека кратенката „МКД“ и амблемот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се во согласност со Преспанскиот договор, како што пренесоа грчките медиуми.
Заев, пак, нагласи дека веќе се воделе разговори за ова прашање со ФФМ.
– Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација ја претставува Северна Македонија на Европското првенство. Иако федерацијата не е државна установа, националнот тим е, како и насекаде во светот. Затоа треба да биде јасно на сите нивоа дека тоа е националниот тим на Северна Македонија, без разлика на иницијалите на федерацијата на дресот. Веќе разговаравме за ова прашање со федерацијата. Договорот од Преспа е тековен и целта е постепено да се најдат решенија со нашите соседи – се вели во изјавата на македонскиот премиер што ја пренесе грчкиот весник.