Фудбалската репрезентација на Македонија за 25 години постигна 250 гола, а од тоа најмногу на седумте средби со Лихтенштајн, вкупно 27, од тоа на еден натпревар 11 гола, во победата со 11-1 на гости, на 9 ноември 1996 година, во квалификациите за Светското првенство во 1998 година во Франција.
Вкупно двоцифрен број голови досега Македонија постигна на натпреварите со Малта (15 гола на шест меча), Азербејџан (14/7), Ерменија (13/7) и со Албанија (12/10). Од друга страна, црвено-жолтите ниту еден гол не постигнаа на дуелите со селекциите на Кина (на пет меча, гол-разлика 0-4), Русија (четири, 0-7), Камерун (три, 0-3), Португалија (два, 0-1) и со Унгарија (два, 0-5), со репрезентации со кои македонските репрезентативци одиграле барем два меѓусебни меча. Покрај овие „нули“, најслаба ефикасност е забележана и на средбите со репрезентациите на Белгија, Украина (по еден гол на по четири меча) и на Шведска (еден гол на три средби).