Никогаш не сум видел драматично ЕП како ова, со одлични мечеви и со изненадувачки резултати. Овој формат на ЕП беше одлучен пред јас да дојдам на оваа функција и го почитувам. Тоа е интересна идеја, но тешко е да се спроведе и мислам дека нема да го сториме тоа повторно. Не е коректно некои селекции да патуваат повеќе од 10.000 км, а други само 1.000 км. Не е фер и за гледачите, рече Чеферин, кој вели дека ЕП 2020, прво во неговиот мандат, е „најинтересното“ досега

ФУДБАЛ – АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, изјави дека Европското првенство (ЕП) 2020 не беше фер за гледачите и претставуваше голем предизвик за тимовите поради долгите патувања и големите растојанија што требаше да ги поминат за време на турнирот што се играше во 11 града, Лондон, Глазгов, Амстердам, Копенхаген, Санкт Петербург, Севилја, Минхен, Баку, Рим, Букурешт и Будимпешта, пишува „Би-би-си“. Швајцарија патуваше најмногу, 15.485 км, Белгија беше втора во овој сегмент, со 10.245 км, а Шкотска патуваше најкратко, 1.108 км.
– Не би поддржал никогаш повеќе вакво првенство. Не е коректно некои селекции да патуваат повеќе од 10.000 км, а други само 1.000 км. Не е фер и за гледачите, кои еден ден мораа да бидат во Рим, а потоа следните неколку дена во Баку, со четири и полчасовен лет. Тоа беше формат што беше одлучен пред јас да дојдам на оваа функција и го почитувам. Тоа е интересна идеја, но тешко е да се спроведе и мислам дека нема да го сториме тоа повторно – вели Чеферин.

Финалистите Англија и Италија ги играа трите натпревари во групата дома, во Лондон и во Рим. Англија помина 3.874 км на турнирот, за четврт-финалето против Украина во Рим. Италија во осминафиналето играше на стадионот „Вембли“, потоа замина за Минхен за четврт-финалето и потоа пак во Лондон за полуфиналето и за финалето, и помина 4.714 км. Сепак, Чеферин (53) вели дека ЕП 2020, прво во неговиот мандат, е „најинтересното“ досега. Тој рече дека поради тестирањата на сите стадиони и другите мерки било спречено какво било значајно избувнување на ковид-19 помеѓу играчите.
– Ова е посебно првенство, тоа е сигурно. Ќе го паметам како почеток на нормалноста и враќањето на публиката. Никогаш не сум видел драматично ЕП како ова, со одлични мечеви и со изненадувачки резултати. Нашите здравствени протоколи беа исклучително тешки, сите беа тестирани, дури и оние што беа вакцинирани. Јас бев тестиран 76 пати. Тимовите беа најпрофесионални и сите го почитуваа системот за „безбедносни меури“. На стадионите бевме многу строги и кога гледам политичари што велат дека луѓето биле заразени на мечевите, без никаков доказ, тоа малку ме разочарува. Некои велат дека 2.000 шкотски навивачи биле заразени, но шкотските навивачи што отидоа на мечот против Англија на „Вембли“ беа тестирани.

Имаше и 20.000 што дојдоа во Лондон без билети. Вие не се тестирате во паркот, но да го обвинувате целиот фудбал за ширење на вирусот е неодговорно – вели Чеферин.
ЕП 2020 ќе остане запаметено и по инцидентот со играчот на Данска, Кристијан Ериксен, кој доживеа срцев удар на отворањето, на дуелот со Финска во Копенхаген. Чеферин вели дека тогаш бил во Санкт Петербург и оти бил „трогнат“ од реакцијата на данските играчи и од медицинскиот персонал.
– Тоа беше страшна ситуација. Сите бевме шокирани, но на некој начин, добро беше што се случи на фудбалски натпревар на високо ниво, бидејќи медицинскиот персонал беше таму за 20 секунди и тоа му го спаси животот на Ериксен, сигурен сум. Сѐ е во ред со него и важно е да се покаже почит кон него и кон лекарите, кои реагираа фантастично. Ги видов данските играчи, кои уште повеќе се обединија по тој инцидент, и морам да кажам дека ме трогна нивната реакција – рече Чеферин.