Во второто по ранг клупско фудбалско натпреварување, Лига Европа (ЛЕ), завршија натпреварите по групи, по што се познати 32-та тима што се квалификуваа за следната, шеснаесетинафинална фаза. Повеќето екипи (24) го обезбедија пласманот со освојување на двете први места во групите, во ЛЕ, а преостанатите осум се третопласираните по групи во Лигата на шампионите (ЛШ).
Во двете конкуренции, фудбалска Македонија ќе има по еден претставник. Во ЛШ тоа е Елиф Елмас, фудбалерот на Наполи, чиј тим го освои второто место во групата, зад актуелниот европски првак Ливерпул (а пред Салцбург и Генк), против кого во двата меча забележа една победа, дома со 2-0, а на гости ремизира, 1-1. Елмас настапи на четири натпревари, на двата против Ливерпул и на дуелите на гости со Салцбург и со Генк (на тој меч беше стартер). Во ЛЕ, член на португалски Спортинг е десниот бек на македонската репрезентација, Стефан Ристовски. Спортинг во групата Д го освои второто место, зад ЛАСК, а пред ПСВ и пред Розенборг.
Поради полудиригираната ждрепка, Наполи во осминафиналето нема да може да се сретне со Јувентус (иста земја) и со Ливерпул (беа во иста група), па можни ривали се ПСЖ, Баерн, Манчестер сити, Барселона, Лајпциг и Валенсија. И Спортинг не е носител, а нема да може да игра со ЛАСК, Бенфика, Брага и со Порто.