Евертон победи на секој од своите почетни четири натпревари во сезоната во највисокото ниво во Англија првпат од сезоната 1969/70, кога ја освои титулата, пишува „Би-би-си“. Во следното коло, Евертон го пречекува градскиот ривал и актуелен првак Ливерпул

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Евертон направи одлична увертира, со четири победи во низа, пред големото градско дерби со Ливерпул, закажано за 17 октомври (по паузата за настапите на репрезентациите), во следното, петто коло на англиската фудбалска Премиер-лига. Евертон е на првото место со максимален број бодови, 12, колку што можат да имаат и Ливерпул и Лестер, кои синоќа ги играа своите мечеви од 4-то коло.
Евертон победи на секој од своите почетни четири натпревари во сезоната во највисокото фудбалско ниво во Англија првпат од сезоната 1969/70, кога ја освои шампионската титула, пишува „Би-би-си“. Згора, тимот на менаџерот Карло Анчелоти победи во првите седум натпревари во сите натпреварувања во една сезона во Англија првпат од сезоната 1894/95 (тогаш триумфира во првите осум меча).

Во победата во четвртото коло над Брајтон со 4-2, на свој терен, Доминик Калверт-Левин го постигна својот деветти гол сезонава во сите натпреварувања (шест погодока во Премиер-лигата), а Хамес Родригез двапати се запиша во листата на стрелците.
Од почетокот на минатата сезона, напаѓачот на Евертон, Калверт-Левин, постигна седум погодоци со глава во фудбалската Премиер-лига, повеќе од кој било друг играч, а Родригез е директно вклучен во шест погодоци на неговите пет натпревари за Евертон во сите натпреварувања сезонава во Англија, пишува „Би-би-си“.
Досега Евертон и Ливерпул, од првата средба во 1894 година, одиграле 237 меѓусебни натпревари, а Ливерпул е поуспешен со 93 победи, наспроти 66 на Евертон. Двата тима сезонава играат ефикасен фудбал со по три гола во просек по натпревар (Евертон по четири, а Ливерпул по три меча во Премиер-лигата).