Во почетокот на сезонава имав состанок со ФИФА и со Венгер за да ни објаснат што сакаат да направат. За да се направи такво нешто, федерациите на сите земји, УЕФА и ФИФА треба да се координираат. Сите треба да работат заедно. Инсистирав дека мора да одредат вистински период на одмор за играчите на крајот на сезоната, изјави Де Брујне

ФУДБАЛ – ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА ИГРАЊЕ СП НА СЕКОИ ДВЕ ГОДИНИ

Белгиецот Кевин де Брујне, фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, изјави дека светски првенства (СП) на две наместо на четири години „не е лоша идеја“, но инсистира на дополнителна клаузула. Арсен Венгер, поранешниот менаџер на Арсенал, сега шеф за глобален развој на фудбалот во Светската фудбалска федерација (ФИФА), чија е идејата, води опсежни консултации за промени во меѓународниот календар од 2024 година. Тоа вклучува предлози за голем турнир секој јуни и за намалување на периодот помеѓу светските првенства.
Европската фудбалска унија (УЕФА) не го крие своето противење на предлозите, а претседателот, Александер Чеферин, дури рече дека европските земји би можеле да ги бојкотираат СП на две години. Премиер-лигата, исто така, е против планот на Венгер, против се и Европските лиги (ЕЛ) и Европската клупска асоцијација (ЕКА). Де Брујне вели дека тоа би можело да се прифати доколку играчите добиваат одмор на крајот од сезоната.

– Во почетокот на сезонава имав состанок со ФИФА и со Арсен Венгер за да ни објаснат што сакаат да направат. За да се направи такво нешто, федерациите на сите земји, УЕФА и ФИФА треба да се координираат. Сите треба да работат заедно. Инсистирав на втората точка. Им кажав дека мора да одредат вистински период на одмор за нас, играчите, на крајот од сезоната. Идејата сама по себе не е лоша, но сите заеднички треба да поработат на нејзината реализација – изјави Де Брујне за агенцијата „Белга“.
Истражувањето на „ЈуГов“ (YouGov), нарачано од ФИФА и спроведено во јули, покажа дека најпопуларниот избор на секоја анкетирана возрасна група е да се задржи статус квото на СП, на секои четири години, а најниско ниво на поддршка има кај групата од 18 до 24 години, 37 отсто, споредено со 58 проценти кај постарите од 55 години. Конгресот на ФИФА гласаше за спроведување студија за оправданост за СП на две години. Конгресот преку интернет треба да се одржи на 20 декември, а претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека се надева оти на тој состанок може да биде претставена консензус-позиција.