Италијанската Аталанта во Милано ја пречекува Валенсија, а Лајпциг во Лондон му гостува на Тотенхем. Аталанта е дебитант во ЛШ, а Лајпциг, пак, првпат игра во осминафинале
На вечерашните два осминафинални дуели во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе ги видиме и двата тима дебитанти во оваа нокаут-рунда, италијанската Аталанта и германскиот Лајпциг, кои се среќаваат дома со Валенсија, односно на гости со Тотенхем.
Вечерашниот меч во Милано ќе биде 42-от европски за Аталанта во нивната седма кампања во континентална конкуренција. Третото место во сезоната 2018/2019 е најдобриот пласман на Аталанта во Серија А, како и играњето во финалето на Купот на Италија. Аталанта третпат по ред игра во Европа, откако во претходните две сезони играше во Лига Европа. Тренерот Џан Пјеро Гасперини, кој ја одведе Аталанта во фудбалска Европа по пауза од 26 години, во сезоната 2017/2018, за успесите во ЛШ беше прогласен за почесен граѓанин на Бергамо. Валенсија, финалистот од 2000 (во дебитантската сезона во ЛШ) и од 2001 година, по 12-ти пат е во ЛШ и првпат во осминафиналето по сезоната 2012/2013, кога беше елиминирана од ПСЖ.
Ланскиот финалист, Тотенхем, со новиот менаџер Жозе Мурињо, посакува повторување на ланската кампања, која почна со елиминацијата на германска екипа во осминафиналето, Борусија (Д). Тотенхем, кој го игра четвртото осминафинале, победил на 10 и загубил на четири од претходните 14 меча во ЛШ дома. Ефектот на новиот стадион, отворен лани, е три победи и две ремија.
За Лајпциг, во претходната сезона трет во Бундес-лигата и финалист во германскиот куп (исто како и Аталанта), ова е трета европска кампања во клупската историја (првата беше во сезоната 2017/2018), прв настап во нокаут-фазата и вкупно 31-от меч во европска конкуренција. Во групната фаза Лајпциг не беше поразен на трите гостувања, кај Лион, Бенфика и кај Зенит, односно вкупно на шесте меча забележа три победи, две ремија и претрпе само еден пораз, од Лион, дома. На клупата на Лајпциг од лани е младиот, 32-годишен Јулијан Нагелсман, кој со Хофенхајм играше во групната фаза во ЛШ во минатата сезона.
„Истанбул 20“ е топката за финалето
УЕФА ја претстави топката „Истанбул 20“, со која ќе се игра финалниот натпревар во фудбалската Лига на шампионите, на 30 мај годинава, на стадионот „Кемал Ататурк“ во Истанбул. Инспирацијата за дизајнот е од градот-домаќин, каде што се среќаваат Истокот и Западот, со рачно изработена уметничка мапа на Истанбул, која уникатно ги премостува двата континента, Европа и Азија. Впечатливата палета на виолетова боја е инспирирана од сончевото поставување над реката, од исток кон запад. Со „Истанбул 20“ ќе се играат и сите преостанати натпревари од нокаут-рундата во ЛШ.