ФУДБАЛ
На мечот Данска – Финска (0-1) пред крајот на првото полувреме колабира Кристијан Ериксен и мораше да биде пренесен во болница. „Состојбата на Кристијан Ериксен е стабилна“, објави УЕФА, која потврди дека фудбалерите на двете селекции побарале да се доигра натпреварот. Во сенка на немилиот настан, во продолжението од мечот, се случи првата победа на Финска, која дебитира на ЕП
Натпреварот Данска – Финска (0-1) во групата Б на фудбалското Европско првенство ќе остане запаметен по непријатната случка со Данецот Кристијан Ериксен (29), кој колабира на теренот на стадионот „Паркен“, пред крајот на првиот дел. За среќа, тој се наоѓа во стабилна состојба, соопшти Данската фудбалска асоцијација (ДБУ). Во изјавата на ДБУ се наведува дека „Кристијан Ериксен е буден и неговата состојба е стабилна. Тој останува хоспитализиран заради натамошни прегледи“.
Англискиот судија Ентони Тејлор веднаш повика медицински лица на теренот, кои му ја дадоа неопходната помош на Ериксен, пред фудбалерот да биде пренесен во болница. Фудбалерите на Данска, видливо потресени, формираа жив ѕид околу Ериксен за да му овозможат на медицинскиот персонал да му даде помош.
„Состојбата на Кристијан Ериксен е стабилна“, објави Европската фудбалска унија (УЕФА), која потврди дека фудбалерите на двете селекции побарале да се доигра натпреварот.
„Данска изгуби. Но победи животот“, беше насловот во еден дански весник. Во сенка на немилиот настан, во продолжението од мечот се случи првата победа на Финска, која дебитира на голем меѓународен турнир, со голот на Џоел Понјанпало во 59. минута.
За Данците беше досуден пенал во 78. минута, но Пјер-Емил Хојбјерг, играчот од средниот ред на Тотенхем, биеше право во рацете на Лукас Храдецки.
„Фудбалот е прекрасна игра, а Кристијан ја игра убаво. Ѕвезда на натпреварот е Кристијан Ериксен. Ти посакувам брзо закрепнување, Кристијан. Ериксен“, напиша на Твитер претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Ериксен немал проблеми со срцето за време на играњето за Тотенхем, според неговиот поранешен кардиолог, д-р Санџај Шарма од лондонскиот универзитет „Сент Џорџ“. Тој вели дека Ериксен ги правел вообичаените контролни тестови од 2013 година, но глетката од теренот како плејмејкерот на Интер паѓа на земја беше загрижувачка.
– Помислив, о боже?! Дали има нешто што не видовме? Но ги погледнав сите резултати од тестовите и сѐ ми изгледаше совршено. Од денот кога потпиша за Тотенхем, моја работа беше да го скринирам и да го тестираме секоја година. Се разбира, сите негови тестови до 2019 година беа сосема нормални, без очигледна основна срцева мана. Можам да гарантирам за тоа затоа што јас ги направив тестовите – изјави Шарма за „Неделен мејл“.
Докторот на данската репрезентација, Мартин Босен, зборуваше на прес-конференција по натпреварот и објасни како се одвивале настаните.
– Беше јасно дека е во несвест. Кога дојдов до него, тој дишеше, го чувствував пулсот, но одеднаш тоа се смени. Помошта од медицинскиот тим дојде навистина бргу, ние го сторивме она што требаше и успеавме да го вратиме Кристијан. Тој ми зборуваше пред да биде пренесен во болница – изјави Босен.
Поранешниот играч за врска на Болтон, Фабрис Муамба изјави дека колабирањето на Ериксен му ги вратило болните спомени од натпреварот во ФА-купот во 2012 година. Поранешниот играч за врска на Англија (до 21 година) набргу потоа мораше да се повлече, на 24-годишна возраст.
– Повторно ми се вратија некои работи што ги потиснав длабоко во мене, тие емоции. Да гледам и да не знам што ќе се случи. Беше страшно, но честитки за медицинските лица, кои направија неверојатна работа за Кристијан. Ми се допаѓа како неговите соиграчи се собраа за да го заштитат. Се надевам дека работите ќе излезат добро за него – изјави Муамба за „Би-би-си“.
Кристијан Ериксен можеби нема повторно да игра професионален фудбал, по колабирањето на натпреварот Данска – Финска, вели професорот по спортска кардиологија Санџај Шарма од лондонскиот универзитет „Сент Џорџ“.
Професорот Шарма, кој е претседател на експертската група при ФА, вели дека има повеќе причини поради кои може да се случи срцев удар, како што се високите температури или друга неидентификувана состојба.
– Тоа што Ериксен е буден во болница е многу добар знак. Но не знам дали тој некогаш повторно ќе игра фудбал на професионално ниво. Во Велика Британија тој не би играл. Ние би биле многу строги во врска со тоа – вели Шарма, додавајќи оти останува на играчот и на клубот да ги проценат ризиците.
ФИФПРО
Фудбалерите да бидат вклучени при донесувањето одлуки
Синдикатот на професионални фудбалери (ФИФПРО) последниве години постојано реагира и предупредува дека згуснатиот календар на натпревари и воведувањето нови и нови натпреварувања е на штета на здравјето на фудбалерите. Пред почетокот на вториот ден на Европското првенство, ФИФПРО испрати отворено писмо до фудбалерите потпишано од Јонас Баер-Хофман, генералниот секретар на ФИФПРО, во кое, меѓу другото, се наведува дека по напорната сезона, тие се „свесни за интензитетот на барањата што се поставуваат пред фудбалерите, како на физички, така и психолошки план“.
„Донесени се многу одлуки што влијаат врз вас и врз вашата кариера и, иако е постигнат напредок во однос на правата на играчите на најголемите натпреварувања, јасно е дека одлуките повеќе не може да се донесуваат без да бидете во фокусот. Вие играте, но, исто така, се соочувате со последиците од одлуките донесени без вашиот глас. Лицето на играта се играчите, не администраторите. Во последните четири години, фудбалерите и фудбалерките низ светот ни кажуваа дека календарот на натпревари не ги зема предвид нивните потреби. Време е за промени. Време е играчите преку нивните синдикати да се најдат на вистинските позиции. Во следните месеци ќе преговараме во ваше име со ФИФА и со другите засегнати страни за да имате повеќе збор при заложбите за поправеден и поразумен распоред, поголеми заштитни мерки на теренот и надвор од него. За нас, гласот на играчите е најважен во разговорите“, се вели, меѓу другото, во писмото на ФИФПРО.