Првпат од 1995 година актуелниот победник не е номиниран за следната година, а првпaт од 1993 година на листата нема Шпанец. Во споредба со лани има 16 нови фудбалери, од 30-те кандидати дури 14 првпат се наоѓаат во трка за „Златната топка“

Европскиот првак Ливерпул е најзастапен клуб, англиската Премиер-лига има најмногу кандидати, а најмногубројни меѓу номинираните се оние од Холандија, на листата од 30 фудбалери во трката за престижната награда „Златна топка“ за најдобар фудбалер на годината, која ја доделува францускиот магазин „Франс фудбал“. Ливерпул има седум фудбалери на листата за 2019 година (рекордери со по девет се Челси во 2006 и Реал во 2018 година), во англиското првенство настапуваат 15 кандидати, а петмина Холанѓани се во конкуренција за наградата, која треба да биде доделена на 2 декември.

Кандидати за „Златната топка“ за 2019 година се Вирџил ван Дајк, Роберто Фирмино, Алисон Бекер, Џорџинио Вајналдум, Садио Мане, Мохамед Салах, Трент Александер-Арнолд (Ливерпул), Бернардо Силва, Серхио Агуеро, Ријад Марез, Кевин де Брујне, Рахим Стерлинг (Манчестер сити), Френки де Јонг, Марк-Андре тер Штеген, Лионел Меси, Антоан Гризман (Барселона), Матијас де Лихт, Кристијано Роналдо (Јувентус), Душан Тадиќ, Дони ван де Бек (Ајакс), Карим Бензема, Еден Азар (Реал), Килијан Мбапе, Маркињос (ПСЖ), Сон Хеунг-мин, Уго Лорис (Тотенхем), Пјер-Емерик Обамејанг (Арсенал), Калиду Кулибали (Наполи), Жоао Феликс (Атлетико) и Роберт Левандовски (Баерн).

Карактеристики на годинашната листа се и тоа што првпат откако има систем на номинации, од 1995 година, лауреатот од претходната година (Лука Модриќ од Реал) не е кандидат за следната година, како и тоа што вкупно дури 16 фудбалери од лани не се во конкуренција за наградата годинава, пишува „Франс фудбал“.
На листата има дури 14 дебитанти, и тоа Де Јонг, Тер Штеген, Тадиќ, Ван де Бек, Де Лихт, Ван Дајк, Вајналдум, Александер-Арнолд, Силва, Стерлинг, Кулибали, Маркињос, Феликс и Сон. Од другите занимливости, првпат од 1993 година нема ниту еден Шпанец, Роналдо рекорден 16-ти пат е кандидат (зад него е Меси со 14 номинации), Бундес-лигата има само еден кандидат (Левандовски), пишува „Франс фудбал“.

Наградата за најдобра фудбалерка се доделува од минатата година, кога победи Норвежанката Ада Хегерберг од францускиот Лион, која и сега е во конкуренција, заедно со, меѓу другите, Меган Рапино (САД, Сиетл, добитничка на наградата на ФИФА за најдобра фудбалерка годинава), Алекс Морган (САД, Орландо, втора во изборот на ФИФА), Луси Бронз (Англија, Лион, трета според ФИФА, прва во изборот на УЕФА) итн.


Награда „Јашин“ според единствениот голман-лауреат

Наградата за најдобар голман „Лав Јашин“, годинава се доделува првпат, а трофејот е именуван според славниот руски голман Лав Јашин (1929-1990), кој е и единствен голман-добитник на наградата „Златна топка“ (во 1963 година). За ова признание на „Франс фудбал“ годинава се тркаат по двајца од Бразил, Словенија и од Германија и по еден од Камерун, Полска, Шпанија и од Франција. Кандидати се Алисон Бекер (Ливерпул/Бразил), Едерсон (Манчестер сити/Бразил), Јан Облак (Атлетико Мадрид/Словенија), Марк-Андре тер Штеген (Барселона/Германија), Војчех Шчесни (Јувентус/Полска), Самир Хандановиќ (Интер/Словенија), Андре Онана (Ајакс/Камерун), Мануел Ноер (Баерн/Германија), Кепа Аризабалага (Челси/Шпанија) и Уго Лорис (Тотенхем/Франција).


Кој ќе го наследи Мбапе за признанието „Рајмонд Копа“?

Наградата за најдобар млад фудбалер (до 21 година) „Франс фудбал“ ја воведе лани, а прв победник беше Французинот Килијан Мбапе (ПСЖ). Инаку оваа награда се избира според гласовите на досегашните освојувачи на „Златната топка“. Кандидати за годинашното признание се Жоао Феликс (Атлетико/Португалија), Џејдон Санчо (Борусија Д./Англија), Моис Кеан (Евертон/Италија), Самуел Чуквуезе (Вилјареал/Нигерија), Канг-ин Ли (Валенсија/Ј. Кореја), Матијас де Лихт (Јувентус/Холандија), Винишиус Жуниор (Реал/Бразил), Каи Хаверц (Баер/Германија), Матео Гуендузи (Арсенал/Франција) и Андриј Лунин (Валјадолид/Украина). Де Лихт и Феликс се тркаат и за „Златната топка“. Трофејот за најдобар млад фудбалер е именуван според славниот Французин Рајмонд Копа (1931-2017), трикратен европски првак со Реал Мадрид.