Шкотската и ирската влада допрва треба да дадат гаранции за тоа дали на навивачите ќе им биде дозволено да се вратат на стадионите до јуни и во моментов заземаат многу построг пристап кон ковид-19 во споредба со другите градови

ФУДБАЛ

Глазгов и Даблин, односно стадионите „Хемпден парк“ и „Авива“, на кои треба да се играат натпревари, се под знак прашалник како градови-домаќини за Европското првенство (ЕП) во фудбал летово, пишува „Би-би-си“.
Шкотската и ирската влада допрва треба да дадат гаранции за тоа дали на навивачите ќе им биде дозволено да се вратат на стадионите до јуни и во моментов заземаат многу построг пристап кон ковид-19 во споредба со другите градови.
Фудбалската асоцијација (ФА) на Ирска соопшти дека сѐ уште планира навивачите да бидат присутни во Даблин, но признава дека ќе биде домаќин само ако може им биде дозволено на гледачите на бидат на трибините.

На помалку од 100 дена до одложеното ЕП, Европската фудбалска унија (УЕФА) сака секоја од земјите организатори на натпреварите да им ги достави своите планови, вклучувајќи и за присуство на навивачи на стадионите, најдоцна до 7 април.
Како што стојат работите во моментов, можни се и други слични проблеми со градовите-домаќини, вели германскиот фудбалски новинар Рафаел Хонингштајн за „Би-би-си“.
– На УЕФА ѝ треба од 30 до 35 отсто исполнетост на стадионите за да оствари профит. Но не сум сигурен дека дури и град како Минхен, каде што се планирани сите натпревари во Германија, е во позиција да каже „ќе биде сѐ во ред во јуни“. Помал проблем ќе беше ако сево ова се одржуваше во една земја, како во случајот со Лигата на шампионите (ЛШ), лани. Ќе беше поостварливо и помалку кошмарно ако турнирот требаше да се одржи само во Германија или во Франција цели пет недели – вели Хонингштајн.