Во полуфиналето на завршниот турнирoт што се одржува во Лисабон ќе играат Лајпциг – ПСЖ, односно Баерн – Лион

Два германски тима, Лајпциг и Баерн, и два француски, ПСЖ и Лион, се пласираа во полуфиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, на завршниот мини-турнир што се одржува во главниот град на Португалија, Лисабон. Двојките се Лајпциг – ПСЖ (вторник), односно Баерн – Лион (среда).
Првпат по сезоната 2012/2013 тимови од две земји, Баерн и Борусија Дортмунд од Германија, односно Реал и Барселона од Шпанија, се меѓу најдобрите четири. Во финалето тогаш играа Баерн – Борусија (2-1). Првпат по сезоната 1995/1996 во полуфиналето нема англиски и шпански екипи.
Еден од фаворитите за освојување на титулата, Манчестер сити, доживеа шокантен пораз од Лион (1-3), кој во минатата рунда го елиминира и Јувентус.
Британските медиуми (Би-би-си) еден од виновниците за колапсот на скапиот Манчестер Сити го гледаат во менаџерот Пеп Гвардиола, поради погрешната тактика и преголемиот респект кон Лион.

Тој се откажа од препознатливата, вообичаена офанзивна игра, се реши да игра со тројца фудбалери во последната линија од одбраната и со двајца дефанзивно ориентирани играчи во средниот ред (Родри и Илкај Гундоган). Неколкумина креативци, како Давид и Бернардо Силва, Ријад Марез, па и младиот Фил Фоден, ги остави на клупата за резервни играчи што се покажа погубно. Гвардиола третпат не ја мина четвртфиналната фаза во ЛШ со Манчестер Сити, откако претходно тоа седум пати му успева, со Барселона и со Баерн.
– Направивме многу грешки во двата шеснаесетника во клучните моменти и затоа сме елиминирани. Постигнавме прекрасен гол, но, за жал, пропуштивме да постигнеме уште еден. Мора да бидете совршени, не смеете да правите грешки на вакви натпревари. Не сакам да навлегувам во детали, бидејќи ќе изгледа како да барам оправдување – изјави Гвардиола.

Тој по мечот ги негираше оцените дека погрешил околу тактичката поставеност на неговиот тим.
– Во ова натпреварување тактиката не е најважна. Тие (Лион) се многу брзи, а нашите централни одбранбени играчи не се толку, па затоа не сакав да ги оставам во ситуации два на два. Работевме три дена на ова, разговаравме, разгледувавме и кога ќе играте како што ние игравме во последните 20 минути, тоа покажува дека системот не е проблем – објаснуваше Гвардиола на прес-конференцијата.
Лион одигра цврсто, организирано, ги искористи своите шанси и сосема заслужено е во полуфиналето. Колегата на Гвардиола, Руди Гарсија стана првиот француски тренер што со француски тим е во полуфинале на ЛШ, по Клод Пуел во 2009/2010-та, исто така со Лион.

– Горд сум на моите играчи. Ние верувавме во себе. Знаевме дека не сме фаворити и оти играме против врвен тим. Победивме во тактичката битка. Успехот е резултат на нашиот тимски дух, сите играа едни за други, а и замените многу помогнаа – истакна Гарсија.


ПОЛУФИНАЛЕ
вторник
Лајпциг – ПСЖ
среда
Баерн – Лион
ФИНАЛЕ
23 август