Гвардиола неделава осми пат ќе биде тренер на тим во полуфиналето на ЛШ, со што ќе се израмни со Мурињо, кој, пак, заедно со Фергусон и со Хејнкес има најмногу, по 10, полуфинални настапи како тренер во сите клупски натпреварувања на УЕФА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пеп Гвардиола ќе биде во своето осмо полуфинале како тренер во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), кога Манчестер сити в среда треба да гостува кај Пари Сен Жермен во првиот меч од полуфиналето сезонава, израмнувајќи го рекордот во ЛШ што моментно го држи Жозе Мурињо, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Гвардиола ја презеде клупата на Барселона во 2008 година и стигна до полуфиналето во сите четири негови сезони на кормилото, кревајќи го двапати трофејот. Гвардиола беше назначен за тренер на Баерн во 2013 година и во неговите три сезони како тренер го однесе својот тим, а потоа загуби, во полуфиналињата.
Преселувајќи се во Манчестер сити во 2016 година, Гвардиола мораше да почека пет години за да стигне до своето осмо полуфинале во Лигата на шампионите како тренер, пишува УЕФА. Тој, исто така, како фудбалер има со Барселона две полуфиналиња, помагајќи му на клубот да го совлада Порто со 3-0 на домашен терен во 1994 година, но загуби од Валенсија во 2000 година (немаше полуфинална рунда кога тимот на Гвардиола триумфира во тогашниот Куп на европски шампиони во 1992 година, бидејќи и Барселона и Сампдорија стигнаа до финалето на стадионот „Вембли“ во Лондон со првото место во првите групи во ова натпреварување).

Само уште еден тренер ги водеше своите тимови во осум полуфиналиња, Мурињо. Неговиот прв ваков настап беше со Порто во 2004 година, кога го освои трофејот, а потоа имаше две полуфиналиња со Челси (порази од Ливерпул во 2005 и во 2007 година). Со Интер, Мурињо ја победи Барселона на Гвардиола во полуфиналето во 2010 година на патот кон титулата. Потоа, како и Гвардиола во Баерн, Мурињо претрпи три порази во полуфиналиња во исто толку сезони кога беше во Реал Мадрид, пишува УЕФА. Откако се врати во Челси во 2013 година, Мурињо претрпи полуфинален пораз во својата прва година со што го постави актуелниот рекорд со осум настапи во полуфиналињата како тренер, еден повеќе од Алекс Фергусон и од Карло Анчелоти, пишува УЕФА.
Фергусон, Мурињо и Јуп Хејнкес, пак, го делат рекордот од по 10 полуфинални настапи како тренери во сите клупски натпреварувања на УЕФА (Куп на европските шампиони, Лига на шампионите, Куп на победниците на куповите, Куп на УЕФА, Лига Европа).