Во конкуренција за наградата што се доделува од 2003 година за најдобар фудбалер до 21 година има по тројца, меѓу другите, од Челси, Манчестер јунајтед, ПСЖ, Арсенал, Ливерпул, Реал Мадрид, Порто, Ајакс итн.

ФУДБАЛ – НАГРАДА „ЗЛАТНО МОМЧЕ 2020“

Италијанскиот спортски дневен весник „Тутоспот“ ја објави скратената листа од 100 млади фудбалери на возраст до 21 година, во конкуренција за наградата на тој весник „Златно момче 2020“. На неа, меѓу другите, се Алфонсо Дејвис од Баерн, Ансу Фати од Барселона, Фил Фоден од Манчестер сити, Калум Хадсон-Одои од Челси, Ерлинг Холанд и Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд…

По клубови, по четворица номинирани има, на пример, од италијанскиот Јувентус и од германската Борусија Дортмунд, по тројца, меѓу другите, од Челси, Манчестер јунајтед, Арсенал, Ливерпул (Англија), ПСЖ (Франција), Реал Мадрид (Шпанија), Порто (Португалија) и Ајакс (Холандија), итн.
Наградата се доделува од 2003 година за фудбалери што играат во Европа, а во изборот гласаат новинари од повеќе земји и љубители на фудбалот преку интернет-страницата на весникот.
Минатата година наградата ја освои Португалецот Жоао Феликс (таа година тој играше и за португалската Бенфика и за шпанскиот Атлетико Мадрид).

Другите освојувачи на наградата се Рафаел ван дер Варт (од Холандија, како член на Ајакс), Вејн Руни (Англија, Евертон и Манчестер јунајтед), Лионел Меси (Аргентина, Барселона), Сеск Фабрегас (Шпанија, Арсенал), Серхио Агуеро (Аргентина, Атлетико), Андерсон (Бразил, манчестер јунајтед), Алесандре Пато (Бразил, Милан), Марио Балотели (Италија, Интер и Манчестер сити), Марио Геце (Германија, Борусија Д.), Иско (Шпанија, Малага), Пол Погба (Франција, Јувентус), Рахим Стерлинг (Англија, Ливерпул), Антони Марсијал (Франција, Монако и Манчестер јунајтед), Ренато Санчес (Португалија, Бенфика и Баерн), Килијан Мбапе (Франција, ПСЖ) и Матијас де Лихт (Холандија, Ајакс).
По земји, Франција има најмногу, тројца победници, а по клубови, Манчестер јунајтед, исто така, тројца.