Во Англија, во 1961 година првпат еден фудбалер неделно заработувал 1.000 фунти, 40 години подоцна 100.000 фунти, а сега некои и над 400-500.000 евра неделно. Причината за големиот раст се доходните ТВ-договори, спонзорските и комерцијалните зделки на клубовите, како и преполните стадиони, кои, исто така, генерираат големи пари
Бразилецот Нејмар, напаѓачот на ПСЖ, Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус и Аргентинецот Лионел Меси од Барселона се најплатените фудбалери во светот со, според некои медиуми, неделни плати од над 500.000 евра. Платите на најдобрите светски фудбалери, особено во петте најсилни и најбогати европски лиги, Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција, но и во Кина, од година на година сѐ повеќе растат. Причината за тоа се доходните ТВ-договори (и по неколку милијарди евра), спонзорските и комерцијалните зделки што ги имаат клубовите, како и преполните стадиони, кои, исто така, генерираат големи пари.
Во англиската Премиер-лига, 20-те клуба лани имале вкупни приходи од 5,4 милијарди евра. Просечната неделна плата на играч изнесувала околу 57.000 евра (месечно над 200.000). Најдобар плаќач меѓу клубовите бил Манчестер јунајтед, со неделна просечна плата по фудбалер од 113.000 или 5,85 милиони евра годишно. Но три европски клуба повеќе ги плаќале фудбалерите отколку Манчестер јунајтед. Тоа се Барселона со просечна неделна плата од 142.740, ПСЖ со просек од 140.000 и Реал, како трет, со 134.680 евра неделно. Сепак, вкупно пресметано премиерлигашките клубови според плаќањата многу ги надминуваат оние во другите европски врвни лиги. Просекот од 57.800 евра во Премиер-лигата, е многу над просекот во шпанската Ла лига, 36.350, во италијанската Серија А, 28.68, во германската Бундес-лига, 27.160, и најмалку во француската Лига 1, 20.430 евра неделно.
Последниве години фудбалерите, не само најдобрите, туку и другите, заработуваат големи суми, особено во Англија, каде што клубовите се најбогати и се најдобри плаќачи. Но во минатото тоа не беше така, од едноставна причина што стануваше збор за аматерско занимавање со фудбалот, за забава, барем во почетокот. Кон крајот на минатиот век, во колепката на фудбалот, Англија, каде што беа формирани првите клубови, во желбата да се победи, понекогаш и по секоја цена, почнале првите плаќања „под маса“ на играчите што довело до нивна професионализација, во 1885 година. Првите плати биле три фунти (најмногу до четири, што во тоа време, според некои пресметки, било како сега околу 350 фунти). Требало да поминат триесетина години таа сума да порасне на осум фунти.
Во 1961 година била помината границата од 100 фунти за неделна плата, на Џони Хејнс во Фулам. Во 1979 година Питер Шилтон, голманот на Нотингем форест и на англиската репрезентација стана најплатениот фудбалер на Островот со неделна плата од 1.200 фунти (1.350 евра). Истата таа година направен е и првиот трансфер од над еден милион фунти, на Тревор Френсис од Бирмингем во Нотигнем форест. Требаше да поминат 15 години, до 1984-та, кога неделната плата на Крис Сатон во Блекбурн ја помина границата од 10.000 фунти (11.250 евра). Во 1995-та, Арсенал ја надмина таа сума за два и пол пати, плаќајќи му по 25.000 фунти неделно на Денис Бергкамп.
И кога се чинеше дека работите малку ќе забават, се случи правилото на Босман, односно фудбалерите на кои им истекуваа договорите можеа да си заминат каде што сакаат и да бараат повисоки плати. Во 2000 година Рој Кин во Манчестер јунајтед прв ја помина бариерата наречена неделна плата од 50.000 фунти (56.250 евра), а веќе следната година Сол Кемпбел, кој од Тотенхем се пресели во Арсенал добивал 100.000 фунти неделно. Во период од само 40 години, неделната плата се зголемила за 1.000 пати.
Како што стојат работите во моментов, прашањето е кој ќе биде првиот фудбалер со неделна заработка од еден милион евра?