Од 1994 година, стадионите со закон беа обврзани да бидат само со седишта. Пилот-проектот во кој ќе учествуваат Манчестер Ј., Манчестер С., Тотенхем, Челси и Кардиф ќе биде надгледуван од независна фирма, чии наоди ќе бидат доставени до Владата, која потоа ќе треба да донесе одлука за можна поширока употреба на безбедното стоење за следната сезона

ФУДБАЛ – ПО РЕЧИСИ 30 ГОДИНИ

Мечот Челси – Ливерпул на 2 јануари в година ќе го обележи враќањето на стоењето на гледачите на трибините во двете најсилни англиски фудбалски лиги, по речиси 30 години, пишува „Би-би-си“. На Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Тотенхем и на Челси од Премиер-лигата и на Кардиф од дивизијата Чемпионшип им се одобрени апликациите да бидат дел од пробното безбедно стоење на трибините. Стоењето на трибините на мечевите во двете англиски лиги беше забрането по катастрофата на стадионот „Хилсборо“ во 1989 година, кога загинаа 97 навивачи на Ливерпул. Од 1994 година стадионите во двете најсилни лиги со закон беа обврзани да бидат само со седишта.
Седиштата со бариера или со подвижна шина се направени за да може да се претворат во места за стоење, по желба. Пилот-проектот ќе биде надгледуван од независна фирма, чии наоди ќе бидат доставени до Владата, која потоа ќе треба да донесе одлука за можна поширока употреба на безбедното стоење за следната сезона. Од Премиер-лигата, Челси, Ливерпул, Манчестер С., Манчестер Ј., Тотенхем и Вулверхемптон имаат такви седишта на нивните стадиони. Како критериум, меѓу другото, се наведува дека такви седишта ќе мора да има во делот за домашни и за гостински навивачи. Седиштата не смеат да бидат фиксирани во положбата „горе“ или „долу“, за да им се овозможи на гледачите и да седат (на пример, за време на паузите). Мора да има кодекс на однесување во лиценцираната стоечка област, целосна покриеност со камери итн.