На мечот во Белград, Црвена звезда – Баерн (0-6), Левандовски испиша нова светла страница во историјата откако за рекордно време од 14 минути и 31 секунда (од 53-та до 67-та), даде четири гола
Кога ќе се спомене Полјакот Роберт Левандовски (31), првата асоцијација се головите. Напаѓачот на Баерн, на мечот во Белград, против Црвена звезда (6-0), испиша нова светла страница во историјата на Лигата на шампионите (ЛШ) откако за рекордно време, за 14 минути и 31 секунди (од 53-та до 67-та), даде четири гола. Левандовски (31) е вториот фудбалер, по Лионел Меси, што двапати дава по четири гола во ЛШ (првиот пат во 2013-та на мечот Борусија Д. – Реал, 4-1).
– Морам да признаам, јас сум зависник од постигнување голови – напиша по мечот на својот твитер-профил Левандовски, по повеќе критериуми еден од најдобрите светски напаѓачи во моментов.
Левандовски, кој е и вториот играч што постигнува гол на девет последователни натпревари во групната фаза во ЛШ, сезонава на 26 меча за својот клуб и за репрезентацијата на Полска има дадено 31 гол, од кои 15 во Бундес-лигата, 10 во ЛШ и шест за Полска, или 51 гол на 51 натпревар во 2019-та.
Во 2015 година, Левандовски постигна пет гола за само девет минути (од 51-та до 60-та), откако влезе во игра од клупата за резервни играчи на мечот Баерн – Волфсбург (5-1). Тоа беа петте најбрзо постигнати голови во историјата на Бундес-лигата.
Со четирите гола постигнати во Белград, или вкупно 46, Левандовски стана најефикасниот играч на Баерн во ЛШ. Тој стигна и до бројката од 63 гола во ЛШ, за Борусија Дортмунд и на Баерн. Повеќе голови од Левандовски во ЛШ имаат дадено четворица фудбалери. Тоа се Французинот Карим Бензема, 64 (за Лион и за Реал), Шпанецот Раул, 71 (за Реал и Шалке), Аргентинецот Лионел Меси, 113 (Барселона) и Кристијано Роналдо, 127 (Спортинг, Манчестер Ј., Реал и Јувентус).
Новиот, привремен тренер на Баерн, Ханси Флик (54), кој неодамна го замени Хрватот Нико Ковач, има перфектен почеток, подобар од кој било поранешен тренер во клупската историја на Баварците. Флик забележа четири победи на четирите меча, со гол-разлика 16-0! Баерн во некои обложувачници е втор фаворит (зад Манчестер сити) за триумф во ЛШ сезонава.
Баерн има максимален ефект во групата Б, пет победи на пет меча со што се квалификува во нокаут-фазата, како и Тотенхем, по победата над Олимпијакос од 4-2.
Хари Кејн најбрзо до 20 гола во ЛШ
На мечот во Лондон, Тотенхем – Олимпијакос (4-2), Хари Кејн постигна два гола и исто така си обезбеди место во историјата на ЛШ како играч што најбрзо постигнал 20 гола, на само 24 меча. На Италијанецот Алесандро дел Пјеро, поранешниот играч на Јувентус, за такво нешто му беа потребни 26 меча, во 1998 година. Сезонава Кејн има дадено 23 гола на 23 меча за Тотенхем и за репрезентацијата на Англија.
Новиот менаџер на Тотенхем, Жозе Мурињо, кој има освоено две европски титули, со Порто 2004 и со Интер 2010-та, првпат со еден тим успеа да надомести негатива од два гола. На претходните 13 меча неговите тимови беа поразени. Мурињо предводел шест тима во ЛШ, Порто, Челси, Интер, Реал, Манчестер Ј., и Тотенхем, два помалку од рекордерот, Карло Анчелоти.
Бриж доби два црвени картона за прослава на голот!
Бриж, пак, е првиот тим со двајца исклучени фудбалери во судиското продолжение, на мечот против Галатасарај во Истанбул, 1-1. Откако Крепин Диата го постигна израмнувачкиот гол го соблече дресот при прославата, како што честопати прават фудбалерите, и за тоа доби жолт картон. Но изгледа заборави дека веќе имаше еден, па доби втор, автоматски и црвен картон. Тој е првиот играч што постигнал гол и бил исклучен на меч од ЛШ, по Фернандо Торес во април 2016 година, на мечот Атлетико – Барселона.
При прославата на израмнувачкиот гол, Клинтон Мата, кој асистираше, со нога го шутна корнер знаменцето и го скрши. Но и тој веќе имаше жолт картон, по што му следуваше уште еден, и исклучување.
На Бриж вторпат му се случува двајца негови играчи да бидат исклучени на натпревар во ЛШ, првиот пат на мечот против Селта Виго (1-1) во 2003 година.
Бриж нема шанси да се квалификува во нокаут-фазата во ЛШ, но може да се најде во Лига Европа (ЛЕ).