Ако нема мечеви во наредните неколку месеци ќе ја нема лигата каква што ја знаеме. Сега станува збор за спас на фудбалот, изјави Вацке, главниот извршен директор на Борусија Дортмунд
Еден од челните луѓе на Борусија Дортмунд е загрижен за иднината на германската Бундес-лига доколку наскоро не продолжи фудбалскиот шампионат. Главниот извршен директор на Борусија, Ханс-Јоаким Вацке, вели дека Бундес-лигата „ќе потоне“ доколку сезоната не продолжи во наредните неколку месеци.
Пандемијата на коронавирусот ги запре мечевите минатиот месец, но има надежи дека е можно шампионатот да продолжи без публика од 9 мај, иако постои загриженост дека навивачите би можеле да се собираат надвор од стадионите. Коронавирусот направи хаос на глобално ниво, кризата влијае врз спортот и го загрозува финансиски, поради што Вацке бара побрзо рестартирање.
– Ако нема мечеви во наредните неколку месеци, целата Бундес-лига ќе крахира и тогаш ќе ја нема лигата каква што ја знаеме. Сега станува збор за спас на фудбалот. Правиме сѐ што можеме за да се вратиме на работа, не сакаме посебен третман, но не можете да го споредите фудбалот со други спортови – изјави Вацке за телевизијата Скај. Борусија Дортмунд беше втора со четири бода помалку од лидерот Баерн по 25-то коло, пред прекинот на натпреварите.