Бока ќе атакува на седмиот, а Ривер на четвртиот трофеј во ова престижно фудбалско натпреварување
Финале од соништата на јужноамериканскиот „Копа либертадорес“ (КЛ), пандан на европската Лига на шампионите (ЛШ) во фудбал. Во т.н. суперкласико, првпат по 105 години луто ривалство, во финален меч во оваа конкуренција, ќе се сретнат две аргентински екипи, од Буенос Аирес, Бока јуниорс и Ривер плата.
Аргентинските екипи во полуфиналето беа подобри од бразилските тимови. Бока јуниорс го елиминира Палмеирас, со 2-2 и 2-0, а Ривер плата беше подобра од ланскиот првак, Гремио, 0-1 и 2-1.
Натпреварите би требало да се играат на 7 и на 28 ноември. Домаќин на првиот меч е Бока, на стадионот познат и како „Бонбониера“ (капацитет од 49.000 места), а реваншот на „Монументал“ на Ривер (70.127). Можно е, поради политичкиот собир на челниците на земјите, од т.н. Г20, термините на двата меча да се поместат, односно мечевите да се играат на 10 и на 24 ноември.
Годинава за последен пат ќе се играат два финални меча. Од следната година ќе се игра еден финален, на неутрален терен, во Сантијаго де Чиле, во Чиле.
Бока ќе атакува на седмиот, а Ривер на четвртиот трофеј во ова престижно фудбалско натпреварување. Доколку триумфира Бока, ќе се израмни со Индепендиенте, исто така аргентински клуб, од Буенос Аирес.
Бока и Ривер третпат ќе играат меѓу себе во нокаут-рундата во „Копа либертадорес“. Во 2000 година Бока го елиминира Ривер во четврт-финалето, со 1-1 и 3-0. Четири години подоцна се сретнаа во полуфиналето, а Бока се пласира во финалето по подоброто изведување пенали, откако по двата меча немаше победник, 2-2. Во 2015 година, во осминафиналето, Ривер го доби првиот меч со 1-0, но во реваншот навивачите на Бока на полувремето ги нападнаа фудбалерите на Ривер со спрејови, по што мечот беше прекинат.
Своевремено „Обсервер спорт“ меѓу 50-те спортски случувања во светот што „мора да се видат пред да се умре“, на прво место ја стави атмосферата на аргентинското суперкласико, нарекувајќи го „најлудо во фудбалот“.
Ривер се „кокошки“, Бока „прасиња“
Ривалството меѓу двата клуба е толку интензивно поради што зборот „класико“ е заменет со „суперкласико“. Линијата на делба помеѓу Бока и Ривер не е само на градско ниво, на Буенос Аирес, туку и на цела Аргентина. За двата најуспешни тима во земјата навиваат над 70 отсто од фудбалските навивачи во Аргентина, па затоа не е претерување да се каже дека кога тие играат, целата држава застанува.
Како и многу други ривалства, и ова се базира на географската и на социјалната разлика меѓу луѓето. За Бока се вели дека е клуб на обичните луѓе (работници), а за Ривер оти е буржоаски (аристократија). Но двата клуба потекнуваат од исто место, од Ла Бока, работничкиот, пристаништен дел на Буенос Аирес. Таму во 1901 година е формиран Ривер плата (по името на реката што ги дели Аргентина и Уругвај), а четири години подоцна, во 1905-та, италијанските емигранти ја формирале Бока јуниорс.
Ривалството се интензивира во 1920-тите години, кога Ривер се пресели од пристаништето во богатите населби на Реколета, а потоа и Белграно, во северниот дел на градот.
Наскоро Ривер стана најбогатиот клуб во Аргентина, а откако во 1931-та беше воведен професионализмот, почна да троши многу пари за фудбалери, со што го доби прекарот Лос Милонариос (Милионерите). Оттаму и различните навреди што сѐ уште може да се слушнат на нивните натпревари. За навивачите на Бока јуниорс, Ривер се „галинас“ (кокошки), бидејќи наводно, нивните играчи немаат храброст. Оние, пак, на Ривер плата, за Бока велат дека се „лос чанчитос“ (прасиња) или „бостери“ (собирачи на ѓубре), затоа што Ла Бока лошо мириса.