На ЛОИ во Токио досега настап обезбедија и борачот Нуров и таеквондистот Георгиевски, а на ПОИ стрелачката Наковска-Бикова

СТРЕЛАШТВО

Македонскиот стрелец, член на клубот Стрелец од Скопје, Борјан Бранковски (24) е третиот македонски спортист олимпиец што ќе настапи на престојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио (од 23 јули до 8 август). Тој на ЛОИ ќе настапи во дисциплината 10 метри со воздушен пиштол, што е на програмата на 24 јули.
– Бранковски на ЛОИ оди со исполнета Б-норма, односно вајлд-карта, која му ја додели трипаритетна комисија, како резултат на досегашните постигнати резултати во дисциплината воздушен пиштол на 10 метри. Тој досега трипати успеа да ја исполни олимписката норма, која изнесува 563 круга. Првпат на СК во Минхен во 2018 годинана, потоа СП во Јужна Кореја во 2018 година, каде што го освои 66-то место, како и на 2. Европски игри во Минск во 2019 година. Во Токио ќе настапат 48-50 натпреварувачи во неговата дисциплина, а секој стрелец со воздушен пиштол на 10 метри ќе пука со 60 дијаболи. Најдобрите осуммина потоа ќе одат во финалето, каде што ќе пукаат со уште 24 дијаболи.

Со добри подготовки ќе биде голем успех ако влеземе меѓу најдобрите осум. Шанса со А-норма да обезбеди пласман на ЛОИ има и стрелачката Анастасија Мојсовска, која ќе настапи на претстојниот СК во Осиек, во дисциплината воздушна пушка на 10 метри – ни изјави тренерот на Бранковски и претседател на клубот Стрелец, Јордан Тасевски.
Бранковски, по борачот Магомедгаџи Нуров и таеквондистот Дејан Георгиевски (кои обезбедија А-норма), е третиот македонски спортист што ќе настапи на ЛОИ во Токио. Шанси за настап имаат и каратистот Емил Павлов и пливачот Евгениј Поп Ацев.
Стрелачката Оливера Наковска-Бикова засега е единствената Македонка што ја има исполнето нормата за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио. Тоа ѝ успеа на Светското првенство (СП) во Чеонгју (Јужна Кореја), во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри. Таа во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, меѓу 31 натпреварувачка, а во финалето го освои бронзениот медал. Настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година освои златен медал.