Фудбалската репрезентација на Бразил ќе ја брани титулата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, откако се пласира на Игрите со победата во квалификацискиот меч против Аргентина со 3-0. На ЛОИ ќе игра и Аргентина, која неколку дена претходно го обезбеди пласманот, со првото место во групата, по претходните победи над Уругвај со 3-2 и над Колумбија со 2-1.
На ЛОИ ќе настапат 16 репрезентации, досега се познати 14, и тоа, Јапонија, Франција, Германија, Романија, Шпанија, Нов Зеланд, Египет, Брегот на Слоновата Коска, Јужна Африка, Австралија, Саудиска Арабија, Јужна Кореја, Аргентина и Бразил. Преостанатите две места се за селекции од зоната Северна Америка, а тој квалификациски турнир треба да се игра во Мексико.
Бразил 14. пат ќе игра на ЛОИ, а покрај златото од Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година, Бразилците имаат и три сребра и две бронзи. На машкиот олимписки турнир настапуваат селекции со фудбалери до 23 години, со можност за најмногу тројца постари играчи. Досега 19 земји биле олимписки прваци, а од нив од досега пласираните на ЛОИ 2020 ќе настапат Бразил, Аргентина, Шпанија и Франција. Најуспешни со по три олимписки титули се Унгарија (1952, 1964 и 1968 година) и Велика Британија (1900, 1908 и 1912 година).