Вкупно 186 фудбалски асоцијации имале свои фудбалери во 93 земји вклучени во анализата, а Бразил води со 1.600 играчи, пишува ЦИЕС
Бразил во 2019 година бил најголемиот фудбалски извозник, покажа анализата на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС), која ги рангира земјите во светот според бројот на нивните претставници што играле професионален фудбал во странство за време на минатата календарска година.
Бразил е на врвот на табелата со 1.600 играчи, од кои 74,6 отсто настапувале во врвните лиги на соодветните земји. На листата за 2019 година, зад Бразил се Франција со 1.027 фудбалери во странство (74 проценти во првите лиги), Аргентина со 972 (75,5 отсто), Англија со 565 (77,9), Шпанија со 559 (78,5) играчи итн.
Вкупно 186 фудбалски асоцијации имаа барем еден фудбалер во странство, во вкупно 141 лига од 93 земји вклучени во анализата. Бразил, Франција и Аргентина заземаат речиси една четвртина од вкупниот број странски играчи во глобалниот фудбал за 2019 година (22,5 отсто), од Африка најмногу фудбалери во странство имала Нигерија (399 играчи), а од Азија најмногу имала Јапонија (161), пишува ЦИЕС.
Според анализата, најголемиот број бразилски фудбалери лани настапувале во Португалија, Италија и во Јапонија. Најмногу француски фудбалери играле во Англија, Белгија и во Луксембург, а аргентински во Чиле, Мексико и во Шпанија, објави ЦИЕС.