Британскиот сервис Би-Би-Си им се извини на гледачите што ја гледале потресната сцена од борбата за животот на Кристијан Ериксен за време на преносот на натпреварот Данска – Финска, што го емитуваше оваа телевизија.
Многу обожаватели и гледачи ширум Европа ги осудија организаторите на преносот кои скоро цело време го снимаа онесвестениот Ериксен и неговата борба за живот.
Британската Би-Би-Си беше една од телевизиите што имаше директен пренос од „Паркен“, а го следеа милиони луѓе ширум светот.
Гледачите можеа да ги видат расплаканите играчи на Данска кои стоеа над нивниот пријател и соиграч, неподвижното тело на Ериксен во еден момент, како и лекарите кои со голем напор се бореа за неговиот живот. Дури и сите во еден момент мислеа дека нема спас за фудбалерот.
Вознемирувачки сцени го обиколија светот со молскавична брзина, а Би-Би-Си е една од првите ТВ-станици што испрати извинување, пренесуваат данските медиуми.