ФУДБАЛ
Барселона, Реал Мадрид и Јувентус најавија дека ќе продолжат со плановите за формирање европска суперлига, тврдејќи дека успешно се справуваат со казнените мерки на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува „Би-би-си“. Во заедничкото соопштение на трите клуба се вели дека судската одлука во Мадрид значи дека УЕФА има „обврска“ да ги прекине дисциплинските постапки против нив. УЕФА го прекина случајот во јуни, откако му беше предаден на Европскиот суд на правдата.
Дванаесет клуба се јавија како основачи на суперлигата во април, но предложеното натпреварување пропадна во рок од 72 часа, откако девет клуба, Манчестер сити, Челси, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Арсенал, Тотенхем, Интер, Милан и Атлетико, се повлекоа поради жестоките протести на навивачите, на УЕФА, ФИФА и на домашните лиги, како и на британската влада и кралското семејство. Јувентус, Барселона и Реал се трите клуба што не се откажаа од отцепената лига и повторно ја најавија својата намера „да продолжат да го развиваат проектот за суперлигата“.
– Задоволни сме што натаму нема да бидеме цел на закани на УЕФА. Свесни сме дека постојат елементи во нашиот предлог што треба да се разгледаат и, се разбира, може да се подобрат преку дијалог и консензус. Сигурни сме во успехот на проектот, кој секогаш ќе биде усогласен со законите на Европската Унија (ЕУ) – се истакнува во соопштението.